Триесет години од воспоставување на дипломатските односи ќе одбележат Северна Македонија и Јапонија следната година, а за досегашната соработка јапонскиот амбасадор во земјава, Казуја Оцука во интервју за МИА вели дека постојано е оценувана како позитивна, како и дека од неодамна се развива и во една поинакво светло, имајќи предвид дека државата сега е и членка на НАТО.

Иако далеку од Европа, јапонските власти континуирано го поддржуваат интегрирањето на Северна Македонија во Европската Унија, а Оцука вели дека и сета поддршка што Јапонија низ годиниве и ја дава на земјава е согласно основните вредности на ЕУ.

-Развојната помош за Северна Македонија се фокусира на спроведување мерки за животната средина, вклучително и превенција од катастрофи, соработка во областа на климатските промени, развој на приватниот сектор и проекти за образование и здравство. И двете се области на фокус за самиот развој на Северна Македонија и на Европската Унија, нагласува Оцука во интервјуто за МИА.

Оцука додава дека Јапонија во рамки на Иницијативата за соработка со земјите од Западен Балкан ги поддржува реформските напори на државите од овој регион на нивниот пат кон ЕУ, со цел земјите да постигнат стабилност и просперитет како членки на ЕУ, кои споделуваат основни вредности како демократија, човекови права и владеење на правото.

Јапонскиот амбасадор вели дека има повеќе начини на кои неговата земја ја поддржува Северна Македонија, е еден од нив е грант програмата (GGP), која цели кон социо-економски развој и ги обезбедува потребните средства за релативно мали проекти кои директно му помагаат на локалното население. Преку оваа програма, од 1996 година досега, Јапонија обезбедила 177 проекти за Северна Македонија, во вредност од 8,9 милиони евра, главно во секторите здравство, животна средина и образование.

Јапонска инвестиција во Северна Македонија се уште нема, а Оцука нагласува дека во однос на развојот на приватниот сектор, Јапонија ќе продолжи да го подобрува менторскиот систем за мали и средни претпријатија, да праќа јапонски експерти и да обезбедува прецизна соработка во развојот и поттикнувањето на малите и средните претпријатија кои се неопходни за развојот на економијата на приватниот сектор.

Јапонскиот амбасадор во интервјуто говори и за продлабочувањето на односите меѓу Јапонија и НАТО, особено по руската агресија врз Украина.

– Односите помеѓу Јапонија и НАТО брзо се продлабочија во последните години. Премиерот Фумио Кишида беше првиот јапонски премиер кој присуствуваше на минатогодишниот самит на НАТО. Со земјите-членки на НАТО ги сподели своите силни чувства за кризата дека „денешна Украина може да биде утрешна Источна Азија“ што наиде на големо разбирање. Премиерот Фумио Кишида исто така ќе присуствува на НАТО самитот, кој ќе се одржи во Литванија овој месец, вели тој.

Во интервјуто тој говори и за новата Програма за индивидуално приспособено партнерство за кое во моментов разговараат Јапонија и НАТО, за плановите за отворање на канцеларија за врски со НАТО на јапонска територија, за одбележувањето на 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, 110 години од раѓањето на Кензо Танге…

Во продолжение следува целото интервју со јапонскиот амбасадор во земјава, Казуја Оцука:

Амбасадоре Казуја Оцука, вие сте третиот амбасадор на Јапонија во државата. Следната година, Јапонија и Северна Македонија ќе ја одбележат 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи. Можеби е рано, можеби не, но какви активности се планирани за одбележувањето?

– Јапонија и Северна Македонија воспоставија дипломатски односи во март 1994 година. Двете држави ги наследија Договорот за трговија и пловидба, Договорот за културна соработка и Договорот за укинување на сите видови на визи, склучени помеѓу Јапонија и поранешната Југославија. Aмбасадата на Јапонија во Скопје беше отворена во 2017, а јас бев назначен како третиот амбасадор во државата во декември минатата година.

На 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи следната година, Јапонската фондација ќе одржи изложба „Јапонската уметност и убавината на јапонските кукли“ во Археолошкиот музеј на Република Северна Македонија, потоа изложба на слики во укијо-е стил во сопственост на Музејот на град Скопје, како и традиционално Јапонски филмски фестивал. Планираме и бројни комеморативни културни настани, како настапи на уметници од Јапонија и Северна Македонија. Исто така, се размислува и за можни посети од официјални лица од Јапонија. Се надевам дека оваа годишнина ќе биде нашироко прославена од граѓаните на двете држави.

Како би ја оцениле билатералната соработка со Северна Македонија?

– Нашите држави одржуваат односи уште од времето на поранешна Југославија. Нивното Височество Престолонаследникот и Принцезата, сегашните Цар и Царица, го посетија Скопје во 1976. Размената и политичкиот дијалог на високо ниво помеѓу двете држави продолжија откако Северна Македонија стана независна.

Јас исто така присуствував на Преспа форумот за дијалог во јуни, а јапонскиот државен министер за надворешни работи, Кенџи Јамада, се обрати преку видео порака.

Кога разговарав со претседателот Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски, претседателот на Собранието Талат Џафери, и други претставници, тие постојано ги нагласуваа добрите односи помеѓу двете држави. Исто така, се развива соработката со Северна Македонија на меѓународната арена, како членка на НАТО.

Според официјалните податоци, Северна Македонија најмногу извезува тутун и вино во Јапонија, а Јапонија извезува машински производи и лесна индустрија. Дали има други полиња каде што двете страни би можеле да ја зајакнат трговијата?

– Според јапонските податоци, Северна Македонија во Јапонија најмногу извезува тутун и електрични кабли, додека јапонскиот извоз во Северна Македонија се состои од автомобилски делови и хемиски производи. Има обострана побарувачка за овие производи и пожелно е натамошно проширување.

Продажбата на македонското вино на јапонскиот пазар е сè уште мала во споредба со италијанското, француското, чилеанското, итн. и веќе ја губи предноста кога станува збор за цената. Јас лично би сакал да го промовирам висококвалитетното македонско вино пред јапонските потрошувачи. Всушност, потребна е обострана промоција на јапонски и македонски производи и има огромен потенцијал за проширување.

Во 2018 година беше воспоставена иницијативата на Јапонија за соработка помеѓу Јапонија и земјите од Западен Балкан кои не се членки на Европската унија, вклучително и Северна Македонија. Како се развива соработката последниве пет години и колку се јапонските инвеститори заинтересирани за регионот?

– Во рамки на Иницијативата за соработка со земјите од Западен Балкан, Јапонија ги поддржува реформските напори на државите од Западниот Балкан на нивниот пат кон ЕУ, со цел земјите да постигнат стабилност и просперитет како членки на ЕУ кои споделуваат основни вредности како демократија, човекови права и владеење на правото.

Кога станува збор за поддршката за Северна Македонија, покрај техничката соработка преку Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) и програми за размена, Јапонија се фокусира на поддршка преку Грант програмата за мали проекти за човекова безбедност (GGP). Врз основа на концептот на човекова безбедност, Грант програмата (GGP) цели кон социо-економски развој и ги обезбедува потребните средства за релативно мали проекти кои директно му помагаат на локалното население. Целните организации се непрофитни организации како невладини организации, локални самоуправи, образовни и здравствени институции кои се активни во државата. Преку оваа програма, од 1996 година наваму, Јапонија обезбедила 177 проекти за Северна Македонија, во вредност од 8,9 милиони евра, главно во секторите здравство, животна средина и образование.

Од 2018 година, програмата МIRAI, која значи „иднина“ на јапонски и е акроним од Mutual understanding, Intellectual Relations and Academic exchange Initiative кани млади луѓе од шест држави на заедничко студиско патување во Јапонија. Во март 2023 година, во соработка со Регионалната канцеларија за младинска соработка (RYCO), јапонската Влада покани 23 луѓе во земјата и тие ја посетија Хирошима.

Во Западниот Балкан како регион, Јапонија одржа семинар за спречување непогоди, самит за граѓанско општество и курсеви за развој на заеднички менаџмент со човечки ресурси.

Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA) управува со „Воспоставување и промоција на менторски услуги за мали и средни претпријатија во Западен Балкан“ како технички проект за соработка со регионот, како и „Зајакнување на менторскиот систем за мали и средни претпријатија во Западен Балкан“, имплементирани со програмата за испраќање експерти.

Иако не е дел од Европа, Јапонија постојано изразува поддршка за нашата интеграција во ЕУ која веројатно ја сметате како фактор на стабилност. При одбележувањето на Националниот ден на Јапонија тука во Скопје, изјавивте дека останувате посветени на поддршката на социо-економскиот развој на земјата, кој го сметате за клучен за интеграцијата во ЕУ. На што точно мислите?

– Владата на Република Северна Македонија има намера да формира Агенцијата за дигитализација за да ја промовира трансформацијата во дигитално општество и да ја подобри нејзината способност да одговори на кибер нападите, што е важно за социјалниот и економскиот напредок на државата. Агенцијата за дигитализација на Јапонија и Министерството за информации одржаа конференција за да ги споделат своите искуства.

Развојната помош за Северна Македонија се фокусира на спроведување мерки за животната средина, вклучително и превенција од катастрофи, соработка во областа на климатските промени, развој на приватниот сектор и проекти за образование и здравство. И двете се области на фокус за самиот развој на Северна Македонија и на Европската Унија. Во однос на мерките за заштита на животната средина, техничката соработка преку „Проект за градење на капацитети за еко-системски базирано намалување на ризиците од катастрофи (Eкo-НРК) преку одржливо управување со шумите во Република Северна Македонија“ е во завршна фаза на формулирање на сеопфатни мерки заедно со Центарот за управување со кризи во рамките на Министерството за внатрешни работи. Поддршката преку грантови ќе продолжи да им обезбедува на локалните власти опрема за справување со отпадот. Исто така, со цел да се унапреди соработката со Јапонија за климатските промени, во моментов предлагаме воведување на Заеднички механизам за кредитирање (ЗМК).

Во однос на развојот на приватниот сектор, Јапонија ќе продолжи да го подобрува менторскиот систем за мали и средни претпријатија, да праќа јапонски експерти и да обезбедува прецизна соработка во развојот и поттикнувањето на малите и средните претпријатија кои се неопходни за развојот на економијата на приватниот сектор. Во таа насока и покануваме експерти од Северна Македонија во Јапонија на курсеви за обука.

Терминот стабилност е редефиниран по руска агресија врз Украина. Членството во големите светски организации и сојузи е гаранција, но актуелните настани се непредвидливи. Најавено е дека во Јапонија ќе биде отворена канцеларија за врски на НАТО, која ќе биде прва таква во Азија. Која е целта на ваквиот чекор?

– Односите помеѓу Јапонија и НАТО брзо се продлабочија во последните години. Премиерот Фумио Кишида беше првиот јапонски премиер кој присуствуваше на минатогодишниот самит на НАТО. Со земјите-членки на НАТО ги сподели своите силни чувства за кризата дека „денешна Украина може да биде утрешна Источна Азија“ што наиде на големо разбирање. Премиерот Фумио Кишида исто така ќе присуствува на НАТО самитот, кој ќе се одржи во Литванија овој месец.

Министерот за надворешни работи Јошимаса Хајаши присуствуваше и на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО во април оваа година и пренесе слична порака.

Јапонија гледа на руската агресија врз Украина не како настан во далечната Европа, туку како прекршување на меѓународното право и фундаменталните принципи кои сите земји треба да ги почитуваат за да се зачува мирот и стабилноста во меѓународната заедница. Со цел што е можно побрзо да се стави крај на руската агресија, Јапонија ќе продолжи да соработува со истомислениците, вклучително и Г7, за воведување строги санкции кон Русија и обезбедување силна поддршка за Украина. Ние, исто така, во контекст на агресијата врз Украина, соработуваме во НАТО и ѝ помагаме на Украина преку САП (Сеопфатен пакет за помош).

Јапонија и НАТО во моментов разговараат за нова Програма за индивидуално приспособено партнерство (ПИПП), која ќе вклучува цели и конкретни иницијативи. За да се постигне ова ќе биде потребна понатамошна практична соработка помеѓу Јапонија и НАТО. Сметаме дека отворањето на канцеларија за врски во Јапонија, доколку се донесе таква одлука од НАТО, е конкретен и симболичен напор што го отелотворува ставот на НАТО за зајакнување на својот ангажман во Индо-Пацификот. Сметаме дека отворањето на ваква канцеларија ќе биде од корист не само за регионот на Индо-Пацификот, вклучително со Јапонија, туку и за НАТО. Со цел да се реализира ова прашање, би сакале да продолжиме со тесната соработка со Северна Македонија и други земји членки на НАТО.

Неодамна Јапонија објави планови да им понуди на пријателските земји финансиска поддршка за зајакнување на нивната одбрана. Која е новата безбедносна политика на Јапонија, каква е вашата поддршка за Украина и дали планирате дополнително заострување на санкциите против Русија?

-Во време кога се случуваат настани без преседан кои го поместуваат текот на историјата, со руската агресија врз Украина, предизвикувајќи го темелот на меѓународниот поредок, на крајот на претходната година Јапонија состави нова Националната безбедносна стратегија, која суштински ќе ги зацврсти одбранбените капацитети.

Водени од сопствените историски погледи и вредности, некои нации кои не ги споделуваат универзалните вредности, прават обиди да го променат постоечкиот меѓународен поредок. Јапонија ќе продолжи да ги чува и заштитува универзалните вредности како што се слободата, демократијата, почитта за основните човекови права, владеење на правото, како и меѓународниот поредок заснован на меѓународно право. Јапонија ќе посвети посебна важност на соживот и взаемен просперитет, заедно со други земји, и во соработка со земји кои го делат истото мислење преку мултилатерална соработка.

Би сакал да нагласам дека Националната безбедносна стратегија вклучува принципи за зацврстување на соработката со НАТО и други земји кои имаат слични ставови. Затоа, новиот „стратешки концепт“ на НАТО усвоен во јуни минатата година, за првпат ја позиционира Кина како „системски предизвик“ и јасно ја претстави заканата од кинеско-руската соработка. Исто така, јасно се наведува дека Индо-Пацификот може директно да влијае врз безбедноста на евроатлантската област. Токму поради тоа Јапонија и НАТО ја зацврстуваат соработката преку ревидираната Програма за индивидуално приспособено партнерство (ПИПП) .

Јапонија и помогна на Украина за проблеми поврзани со безбедноста, прима ранети украински војници во болниците на Силите за самоодбрана, обезбедува камиони и други возила, дронови, панцири и други материјали на јапонската војска и има донирано 30 милиони евра на НАТО кој преку САП фондот и помага на Украина. Во однос на соработката во граѓанскиот сектор, обезбедивме приближно 2,1 милијарда американски долари за хуманитарна помош, помош за закрепнување и реконструкција и обезбедивме заеми за фискална поддршка од околу 5 милијарди американски долари преку кредитно зајакнување на Светската банка. На Самитот во Хирошима кој беше одржан во мај, Јапонија како земја претседавач, на претседателот Володимир Зеленски му потврди дека ќе продолжи со својата поддршка на Украина. На „Конференцијата за обнова на Украина“ која се одржа во Лондон на 21 јуни, Јапонија најави дополнителни 70 милиони долари помош за енергетскиот сектор. Јапонија исто така обезбеди грант за итна помош од 5 милиони долари како поддршка во одговорот на катастрофата со поплавата во јужна Украина.

Јапонските санкции врз Русија се во согласност со тие од меѓународната заедница, како што се мерките поврзани со финансиите, вклучително и замрзнувањето на имотите на руските владини претставници, како претседателот Путин, руските финансиски институции и мерки поврзани со трговијата како што се забраната за извоз на контролирани предмети во Русија врз основа на меѓународните договори. Спроведуваме и мерки за забрана на миграција на високи руски претставници. На Самитот во Хирошима беше потврдено дека санкциите ќе продолжат и ќе бидат зајакнати. Во мај, Јапонија објави нови дополнителни санкции со кои на речиси 140 поединци и повеќе руски банки им беше смрзнат имотот и го зголеми бројот на 70 руски воени субјекти што подлежат на забрани за извоз. Притоа, забранивме извоз на напредни стоки, како што се квантните компјутери.

Да се вратиме на Северна Македонија. Културата е една од областите во кои соработуваат двете земји. Колку се заинтересирани македонските граѓани за јапонската култура?

– Многу јапонски дела од аниме и манга уметноста се претставени во Северна Македонија, особено кај младите, и стануваат сè повеќе популарни. Делата на Харуки Мураками се преведени и издадени на македонски јазик. Понекогаш слушам од луѓе кои читале други преводи, на пример на англиски јазик, за нивните впечатоци од делата на Мураками. На Јапонскиот филмски фестивал што се одржува секоја година има 5 до 6 нови филмови и многу луѓе ги гледаат.

Има значителен интерес за јапонските традиционални боречки вештини, како што се џудо, карате, аикидо и кендо. Повеќе од 10 000 луѓе ги практикуваат во Северна Македонија. Во Скопје, како и низ други градови во земјата, се одржуваат и меѓународни натпревари во боречки вештини за регионот на Западен Балкан.

Исто така, јапонски пијанист одржа заеднички концерт со македонски пијанист, во присуство на многубројна публика. Следната година, на 30-годишнината од воспоставување дипломатски односи, сценски уметници од Јапонија треба да настапат во Северна Македонија.

Сметате ли дека Северна Македонија е привлечна земја за јапонските туристи?

– Бројот на јапонски туристи во Северна Македонија и во Европа во целина, драстично се намали за време на рестрикциите поради Ковид-19, но повторно се зголемува, особено од почетокот на оваа година.

Северна Македонија е сè уште егзотична туристичка дестинација за многу Јапонци, а убавините на земјата, особено Охридското Езеро – светско наследство на УНЕСКО, и околината се познати и многу атрактивни. Скопје е атрактивно и заради историската архитектура, Водно и кањонот Матка. Исто така вреди да се види и Крушево, кое зазема важно место во историјата на Северна Македонија, а во стариот дел на градот и во Галеријата Никола Мартиноски. Античките македонски останки и мозаици во Штип и Хераклеа Линкестис кај Битола исто така ќе им се допаднат на јапонските туристи.

Годинава се одбележуваат 60 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје, но и 110 години од раѓањето на истакнатиот јапонски архитект Кензо Танге, кој даде значаен придонес во обновата на Скопје. Дали планирате некакви активности по повод одбележувањето?

-Град Скопје размислува за основање на лабораторија што ќе го носи името Кензо Танге, а има и планови за покана на Норитака Танге, син на Кензо Танге, да одржи комеморативен симпозиум.

МИА