Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш предупреди на нееднаков пристап до образованието низ целиот свет.

Говорејќи во пресрет на годишната сесија на Генералното собрание на ОН на состанок посветен на образованието, Гутереш изјави дека „образованието е во длабока криза“.

Гутереш апелираше до сите земји да направат приоритет за повисоки распределби на средства за унапредување и подобрување на условите за образование.

„Со пристап до најдобрите училишта и универзитети, богатите ги добиваат најдобрите работни места, додека сиромашните, особено девојчињата, раселените лица и студентите со попреченост, се соочуваат со огромни пречки за добивање на квалификации кои би можеле да ги променат нивните животи“, продолжи тој.

Тој посочи дека пандемијата на коронавирус има „катастрофално влијание“ врз образованието, каде што сиромашните ученици без технолошка поддршка се најдоа во особено неповолна положба.

„Но, образовната криза започна многу порано – и е многу подлабока“, додаде Гутереш, цитирајќи го извештајот на Меѓународната комисија за иднината на образованието.