Шпионски софтвер на приватната израелска разузнавачка компанија НСО груп бил искористен за хакирање на мобилните телефони на десетици новинари на Ал Џезира, во кибер напад без преседан, најверојатно нарачан од Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, тврдат водечки канадски истражувачи, јави британскиот весник Гардијан.
Во извештајот, истражувачите од Ситизен Лаб на Универзитетот во Торонто тврдат дека откриле шпионажа насочена против една од водечките светски медиумски организации, која е од Катар, а која веќе подолго време е цел на автократски режими од Блискиот исток.
Извештајот ја доведува во прашање безбедноста на ајфонот на Епл, чии модели кои користат оперативен систем постар од iOS 14, а според наодите на извештајот, тие апарати се ранливи на хакирање. Истражувачите тврдат дека злонамерниот код што го користат клиентите на израелската НСО група го прави секој таков телефон погоден за хакирање.
Групата НСО, чиј шпионски софтвер наводно се користел во кампањите на Саудиска Арабија и ОАЕ, тврди дека се користел само за откривање на терористи и криминалци, пишува Гардијан.
Во изјава за британскиот весник, НСО тврди дека не знае ништо за оваа тема.
Но, новото тврдење на „Сиотизен Лаб” е последното во долгата низа на наводни повреди на човековите права кои вклучуваат софтвер на компанијата користен од нејзините клиенти, вклучувајќи наводно таргетирање на новинари во Мароко, политички неистомисленици од Руанда, политичари во Шпанија и про- демократско свештенство во Того.
Новинарите кои наводно биле хакирани се познати истражувачи на мрежата Ал Џезира.
Ал Џезира вчера објави вест за наводното хакирање на својот канал на арапски јазик, тврдејќи дека 36 телефони биле компромитирани, додаде Гардијан.