Русија утрово од воздух ги погоди Киев, Дњепар, Харков, Житомир и Миколаев, таргетирајќи ја енергетската инфраструктура. Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко изјави дека нападот бил извршен врз „критична инфраструктура“. Украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека Русија тероризира и убива цивили по повторените воздушни напади врз големите градови утринава.
„Украина е под оган од окупаторите. Тие продолжуваат да го прават она што го прават најдобро, тероризираат и убиваат цивили. Терористичката држава нема да се промени. Таа само ќе ја потврди својата деструктивна и убиствена суштина, за која секако ќе сноси одговорност“, рече Зеленски.
Британското разузнавање соопшти дека ги идентификувало беспилотните летала што ги користи Русија. Станувало збор за ирански самоуништувачки дронови, но Техеран демантира. Од Кремљ пак, одговорија дека не знаат какви дронови им користи војската.
Но и Соединетите Американски Држави се согласуваат со западните сојузници дека Иран ѝ доставил на Русија беспилотни летала со експлозив со што ги прекршува санкциите на Обединетите нации. Прес секретарот на Белата куќа, Карин Жан-Пјер, рече дека Русија ќе одговара за воени злосторства, додавајќи дека САД силно ги осудуваат најновите ракетни напади во Украина, кои продолжуваат да ја демонстрираат бруталноста на Путин.
„Ќе продолжиме да ѝ наметнуваме трошоци на Русија, да ја сметаме за одговорна за нејзините воени злосторства, како што рековме – директно слушнавте од претседателот за делот од воените злосторства – и нејзините злосторства и нудејќи ѝ на Украина безбедност, економска и хуманитарна помош“, изјави Џен Пјер, прес-секретар на Белата куќа.
Во меѓувреме, Москва и Киев спроведоа една од најголемите размени на воени заробеници досега, разменија вкупно 218 лица, меѓу кои 108 жени.
Шкелзен Аќифи