Податокот дека новите соеви на коронавирус се шират многу побрзо, ги принудува здравствените власти да размислуваат за зајакнување на одредени мерки, со цел да не дојде до нов раст на бројот на заболени. Прва тема за размислување стана видот на заштита за покривање на устата и носот. Во соседна Бугарија во изминатите денови се разви дебата на оваа тема, откако стручни лица во јавни обраќања објаснија дека визирите и различни видови на текстилни материјали, вклучително шамиите и шаловите не штитат доволно, особено не од британската варијанта која е многу позаразна. Ваквите укажувања брзо резултираа со промена: од денеска во Бугарија стапуваат на сила нови правила за носење заштитна опрема на лицето.
Покривањето на устата и носот сè уште е задолжително на јавни места и во затворен, и на отворен простор, но тоа веќе не е дозволено со визири или шалови. Со новата наредба на министерот за здравство, отпадна можноста што постоеше во последните месеци – да се користи „друго средство за покривање на носот и устата“. Сега дозволени остануваат само маските, иако нема посебни барања од каков вид да бидат тие.
Од медицинска гледна точка заштитата со шалови, шамии и со визири од плексиглас се смета за нецелосна, бидејќи за разлика од хируршките маски кои со правилна употреба треба да се менуваат на два-три часа, луѓето не ги менуваат шаловите толку често.
По ширењето на британскиот сој на коронавирусот, некои европски земји воведоа строги барања за видот на употребените маски. Некаде се бара задолжително носење маски со висок степен на заштита (FFP2), на некаде се бара во јавниот превоз и во шопинг моловите да се користат хируршки или специјализирани маски (FFP2, KN95 или N95).
Генерално, досега се препорачуваше немедицинските и текстилните маски да бидат изработени од три слоја кои не го попречуваат дишењето, кои може да се перат, кои целосно го покриваат носот и устата и кои немаат вентили што би им овозможиле на вирусните честички да „избегаат“ и да заразат други.
Маските со висока заштита досега беа наменети за медицински лица, а не за широк спектар на луѓе кои не се изложени на сериозен ризик од инфекција. Според здравствени експерите, маските со висока заштита не треба да бидат задолжителни за населението, но нема штета да бидат препорачувани. Исто како и во почетокот на пандемијата, сега на сцена повторно се враќаат советите за миење и дезинфицирање на рацете пред ставањето и симнувањето на маската, и спроведување на тие постапки исклучиво преку ластиците на маската, а не со нејзино влечење преку лицето.
Преземено од Дојче Веле
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.