Љупчо ПОПОВСКИ*

Не е време за плачење, ниту за проколнување на некаква лоша судбина. Ниту одлуките во Брисел изминатите два дена се некаков нов Букурешт. Ниту пак треба со завидливост да гледаме на фактот дека Украина и Молдавија добија почеток на преговори со ЕУ и да зборуваме за тоа колку блокот е неправеден. Треба само малку повнимателно да се вратиме на настаните од лани во ноември, кога Европската комисија препорача да се отворат преговори со Украина. Киев својата кандидатура за членство ја поднесе веднаш по инвазијата на Русија во февруари 2022, а доби статус на кандидат лани во јуни. И да сфатиме како Македонија си го губи времето по своја волја.

Ова навистина изгледа како процес со ракетна брзина. Оваа брзина може да се спореди само со онаа кога Исланд ги почна преговорите за по неколку години да ги прекине. Во 2008 година, во екот на големата финансиска криза, речиси целиот банкарски систем на Исланд колабираше, па тогашната влада, барајќи спас од амбисот, во 2009 поднесе апликација за членство во ЕУ. Скринингот почна во ноември 2010, а формалните преговори по поглавја во јуни 2011. Некои од овие поглавја се затвораа веднаш штом се отвораа. Но на крајот од 2012, кога економијата на Исланд закрепнуваше и кога во прв ред почна да доаѓа прашањето за правата за рибарењето во пошироките води околу островот, преговорите почнаа да забавуваат, а во 2013 година и фактички да прекинат. Кога во 2013-тата, по изборите, на власт дојде центристичка влада, преговори веќе и немаше. Парламентот официјално ги прекина во 2015.

Овие податоци за најбрзиот пристапен процес кон ЕУ досега виден е само потсетување за тоа што понатаму ги чека Украина и Молдавија на патот кон ЕУ. Тие од вчера не ги почнаа преговорите, за нив само е отворена вратата за долгиот пат што следи.

Долг пат за Украина и Молдавија

Откако една земја ќе добие статус на кандидат, процесот на пристапување се состои од четири чекори, за кои се бара едногласна согласност од водачите на ЕУ. Првата, одлуката за отворање на преговорите со Украина и Молдавија беше донесена во четвртокот вечерта. Следниот чекор е лидерите да одлучат за преговарачката рамка за разговорите, за да може Украина да се подготви за спроведување на законите и стандардите на ЕУ. Рамката се заснова на предлог на Европската комисија и треба да биде одобрена од земјите-членки. По завршувањето на преговорите, Комисијата дава свое мислење за тоа дали Украина е подготвена да се приклучи на ЕУ, што потоа треба да биде едногласно одобрено од сите земји-членки, како и од Европскиот парламент.

Потоа лидерите од 27-те земји членки, како и Украина, ќе се состанат на меѓувладина конференција, за време на која сите ќе потпишат пристапен договор. Договорот за пристап потоа треба да биде ратификуван од сите земји-членки, што обично го прават националните парламенти или преку референдум. И најпосле, самата држава која ги води преговорите треба да го ратификува договорот за пристап.

Одлуките во Брисел изминатите два дена не се некаков нов Букурешт (фото: европски лидери на самитот на ЕУ ов Брисел, 14.12.2023)Фотографија: Omar Havana/AP/picture alliance

Тоа е што се однесува до процедурата. Македонија има поминато важен дел од неа, преговарачката рамка е усвоена со согласност на сите 27 земји членки, првата меѓувладина конференција се одржа, втората ќе почне автоматски кога ќе бидат усвоени уставните измени и ќе стартуваат преговорите по кластерите.

Оние што не сакаат да видат кон каде натежнува клатното за време на ужасната инвазија на Русија на Украина треба да се навратат барем на две работи. Првата е кога шпанскиот премиер Педро Санчез уште на првиот ден на претседавањето на неговата земја со ЕУ, на 1 јули, отиде во Киев и му порача на претседателот Володимир Зеленски  дека во наредните шест месеци членките и институциите на Унијата ќе го поддржат отворањето на преговорите со Украина до крајот на шпанското претседателство. Санчез е неверојатно умешен политичар за преговори (тој успеа да стане повторно премиер иако ги загуби изборите во Шпанија), а сега дипломатите на земјата успеаја во четвртокот вечерта (14.12) да ги стават Украина и Молдавија на европскиот перон.

Втората е од почетокот на јуни, кога во ист ден во Клубот на пратениците се сретнаа Димитар Ковачевски и Христијан Мицкоски, а амбасадорот на ЕУ во Скопје, Дејвид Гир, во интервју за ТВ 21, отворено кажа што би значело неспроведувањето на уставните измени. „Што ако државата не го направи тој чекор и не ги воведе уставните промени? Тогаш процесот ќе биде во застој, скринингот ќе заврши и преговорите нема да напредуваат. Тоа значи дека сте ја пропуштиле шансата, но некои други ќе ја искористат и ќе ѝ се приклучат на ЕУ“, рече тогаш Гир.

Логиката на македонскиот геоцентризам

Ги слушаше ли тогаш некој овие зборови на Гир дека некои други ќе ја искористат шансата? Тогаш напишавме дека Молдавија, а не Македонија може да стане членка на ЕУ до 2030. Иако земјата многу страда од војната на нејзините граници, има една отцепена област, Приднестровје, каде што има стационирани над илјада руски војници кои се таму уште од првите години по распадот на Советскиот Сојуз и конфликтот во регионот.

На оние што се посветени проучувачи и следбеници на македонскиот геоцентризам и тогаш и сега им изгледа дека во тоа нема никаква логика. Но политичкиот развој на настаните често знае да не ги следи параметрите на логиката која ја следат македонските геоцентристи.

Тие ни тогаш, а ни сега не успеваат да видат дека на самитот на Европската политичка заедница што се одржа на 1 јуни во близината на Кишињев, во еден стар замок и една многу позната многувековна винарија, поинаку се ниша европското клатно.

Македонските геоцентристи изгледа не ги интересираше дека целата логистичка и безбедносна операција за самитот во Кишињев беше организирана од Франција. Дека ситната, навидум кревка, но со силна волја и решителна претседателка на Молдавија, Маја Санду, има широки и неподелени симпатии за реформите што ги спроведува нејзината влада. За тоа што се бори со поплавата на руски дезинформации, агентура и потпалување на проруски чувства и што нејзината земја прими најголем број украински бегалци по глава на жител во Европа.

Македонските геоцентристи не сакаат да видат, а ниту сакаат да размислуваат што значеше неуспешната мисија на Зеленски во Вашингтон да обезбеди нова финансиска транша од САД за неговата земја да ја води војната против агресорот, а во исто време да овозможи функционирање на економијата. Или дека иконата на македонската десница, унгарскиот премиер Виктор Орбан, во петокот ја блокираше помошта на ЕУ за Украина од 50 милијарди евра. Без европските и американските пари Украина не само што може да ја загуби војната, туку може да остане и без огромен дел од својата територија, па дури и целата. Па од Зеленски и самите Украинци (кои досега имаат стотина илјади жртви) не слушнавме разочарани изјави дека ќе бидат напуштени во нивната борба која ја чува Европа од наездата на рускиот империјализам.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски вклучен со видео врска на самитот на ЕУ (14.12.2023)Фотографија: European Council

Нема никаква дилема дека ЕУ со децении се однесуваше неправедно спрема Македонија, уште кога го добивме кандидатскиот статус во 2005. И дека гревовите на Брисел го определуваат во голема мерка евроскептичниот наратив во Скопје. И дека златните години кога Македонија можеше да стане членка на ЕУ беа пропуштени поради блокадата на Грција, а не на Бугарија. И дека политичката и општествената наивност овде беше доминатна и се крепеше со признавањето на тогашното уставно име од 130-ина држави. Но како малкумина да разбираа дека членството во ЕУ и НАТО беше приклучување во клубови кои не се глобални организации како ОН, Унеско, СЗО… туку политички, економски и одбранбени друштва кои, за жал, не размислуваат многу за неправдите, туку за интересите на нивните членки.

Така, сега, кога поранешниот министер за надворешни работи, Антонио Милошоски, вели дека „проширувањето на ЕУ од политика на заслуги се трансформираше во буџетско-политичка трговија. Со цела почит кон Украина и Молдавија, но оваа одлука за почеток на преговорите за членство повеќе личи на геополитички подарок, отколку на заслужен чекор врз основа на постигнати реформски стандарди или унапредени добрососедски односи“, тој само делумно е во право. Кога Урсула фон дер Лајен стана претседателка на извршното тело на ЕУ, таа рече дека нејзината Европска комисија ќе биде геополитички играч. Со одлуките за Украина и Молдавија таа го покажа тоа и буквално.

Дали Западниот Балкан е заборавен и Солунската агенда фрлена настрана? Многу повеќе не, отколку да. Примерите што се посочуваат, Црна Гора и Србија, изгледаат како потврда за запоставувањето на земјите од регионот, но не е баш така. Црна Гора ги започна преговорите во 2012, отворени се сите 33 поглавја, а затворени само три. Причините се повеќе во Подгорица, отколку во Брисел. Во поголемиот дел од поглавјата не може да биде остварен значаен напредок затоа што црногорската политика заглавена во меѓусебната битка не можеше да испорача резултати, а речиси сите клучни реформски закони што се услов на ЕУ за напредок не се усвоени затоа што ги нема неопходните три петтини во црногорскиот парламент.

Србија ги почна пристапните преговори во 2014, а првите поглавја ги отвори во 2015. Таа има отворено 16 од 35 поглавја, а само две затворено. Последното, односите со Косово, е најтешко за Белград. Но не е само тоа. Владеењето на правото, партиското узурпирање на државните институции, лошата медиумска слика, харангата врз опозицијата, неусогласеноста со надворешната политика на ЕУ околу Русија… ја држи Србија на голема дистанца од Унијата. И ќе продолжи да ја држи.

Дали Орбан е македонскиот спас?

Реално, има само еден излез што ќе ја извлече Македонија од калта во која поради „колективната суета“ (како што вели амбасадорот Ѓорѓи Филипов) е пропадната и сега не гледа начин како да излезе. Тоа се уставните измени. Приказните од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека кога тие ќе ја формирале новата влада по изборите ќе го реактивирале процесот со тоа што ќе се насочеле кон билатерални разговори со Софија за Бугарија да се откаже од условот во преговарачката рамка се бајки кои имаат една цел – фактички никогаш да не почнат реалните преговори со ЕУ. Обраќањето кон Софија изгледа наивно по сето она што го знаеме за тамошната политика спрема Македонија, но во основа е самите себеси да си врзиме камен на нозете кој ќе нѐ чува на дното.

Како што се наивни, па дури и детски вчерашните образложенија на портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, алудирајќи на случајот со Орбан околу преговорите на Украина – „зошто Ковачевски и Маричиќ не предложија Бугарија да ја напушти собата на кратко, но поважно е да одговорат, зошто претставниците на ЕУ не ни помислуваат да предложат вакво нешто за Македонија“. Како да Ковачевски седел на масата на лидерите на ЕУ и, како што тоа го направи Олаф Шолц, се снебивал дали да му предложи на тогашниот бугарски премиер Кирил Петков кусо да го напушти состанокот за во преговарачката рамка не влезе впишувањето на Бугарите во Уставот.

А зошто тогаш големиот пријател на ВМРО-ДПМНЕ, Виктор Орбан, не стави вето на преговарачката рамка за да ја заштити Македонија од „злобната“ Бугарија? На тоа од вмровските поклоници нема одговор. Но затоа таму се крои некаква стратегија на надеж дека по евентуалното формирање на владата по изборите во мај и шестмесечното претседавање на Унгарија со ЕУ од 1 јули Орбан ќе ја придвижи работата за Македонија. Човекот што денес сите го критикуваат како „Путин на масата во Брисел“ и „Тројански коњ на Русија во ЕУ“, ќе треба да ја спасува македонската агенда во ЕУ. Фантазмагории.

А за оние идолопоклоници на Орбан во земјава (осамениот човек на европската маса) еве еден мал извадок од неговото интервју за унгарското државно радио од петокот утрината, во кое говори дека ќе има шанси 75 пати во текот на преговорите да ја блокира Украина. Тој рече дека со часови се обидувал да ги убеди европските лидери да не го потпишуваат започнувањето на пристапните преговори со Киев.

„Тие беа 26, а јас сам“.

„Тие сакаат преку оваа одлука да ѝ дадат на Украина охрабрување потребно за продолжување на војната и побараа да не ги попречувам во тоа“.

„Ако не сакаме Украина да биде членка на Европската унија, тогаш унгарскиот парламент ќе го одбие тоа. А додека прашањето стигне до парламентите, тоа ќе биде многу, многу долг процес, и како што броеја тие, а броев и јас – има околу 75 прилики кога унгарската влада може да го запре овој процес. И рекоа дека ако за време на преговорите има нешто што ги повредува интересите на Унгарија, јас да го прекинам тоа“.

„Подоцна можеме да го запреме овој процес, ако е потребно, ќе ја повлечеме рачната сопирачка“, рече Орбан.

Преземено од Дојче Веле