На 15 јуни 2021 година се одржа редовна седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка, на којашто беа разгледани движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

На седницата беше одлучено основната каматна стапка да остане непроменета, на нивото од 1,25%, со што монетарната политика и натаму има релаксиран карактер. Со оглед на веќе извршеното олабавување во март 2021 година, додека сѐ уште постојат неизвесноста и ризиците поврзани со пандемијата, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се задржи на постојното ниво, коешто беше оценето како соодветно на тековните економски и финансиски услови. Досегашното намалување на основната каматна стапка, како и позначителното намалување на понудениот износ на благајнички записи, придонесе за зголемување на ликвидноста на банкарскиот систем и поддршка на кредитните текови во економијата. На седницата беше потврдено дека вкупната ликвидност ослободена преку основниот инструмент на Народната банка од почетокот на пандемијата е соодветна, при што се одлучи на аукцијата што ќе се одржи денес да се понудат благајнички записи во непроменет износ од 10 милијарди денари.

Според последните расположливи макроекономски показатели за економската активност, бруто домашниот производ во првиот квартал од 2021 година забележа реален пад од 1,9% на годишна основа, во услови на трет бран на ковид-19 што негативно влијаеше врз динамиката на економското закрепнување. Ваквата динамика на економската активност во првото тримесечје беше очекувана во рамките на априлскиот циклус проекции. Тековно расположливите високофреквентни податоци за вториот квартал од 2021 година се ограничени за поцелосно согледување на состојбите, но упатуваат на позитивни сигнали согласно со стабилизирањето на третиот бран од пандемијата и започнатата имунизација во земјата. Воедно, податоците за април покажуваат значително забрзување на реалниот годишен раст на прометот во вкупната трговија и индустриското производство, во поголем дел заради ниската споредбена основа, што е поврзано со строгите мерки воведени за спречување на ширењето на ковид-19 во овој период од минатата година.

Во однос на инфлациските движења, годишниот раст на цените во периодот април – мај 2021 година изнесува 2,9% и е во согласност со очекувањата според априлските проекции на Народната банка. Во однос на очекуваните движења на увозните цени, последните ревизии се во нагорна насока. Неизвесноста во однос на движењето на светските цени на примарните производи во следниот период е особено нагласена, согласно со неизвесните економски ефекти поврзани со пандемијата и изгледите за справување со неа.

Девизните резерви се одржуваат на соодветното ниво и во сигурната зона, а на крајот на мај 2021 година бележат зголемување во однос на состојбата на крајот на првиот квартал. Во однос на расположливите податоци од надворешниот сектор за второто тримесечје од 2021 година, податоците за април покажуваат проширување на трговскиот дефицит, којшто е нешто повисок од очекуваниот за вториот квартал од годината, но периодот на оцена е премногу кус за донесување посигурни заклучоци. Воедно, согласно со последните податоци за менувачкото работење, остварените нето-приливи се малку повисоки од очекуваните за вториот квартал од 2021 година. Остварувањата кај билансот на плаќања за првиот квартал од 2021 година се во согласност со очекувањата според априлската проекција.

Во рамките на монетарниот сектор, согласно со првичните податоци за мај, продолжува годишниот раст на депозитите и кредитите, со нешто побрза динамика во однос на априлската проекција.

Во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, ликвидноста на банкарскиот систем во домашна валута дополнително се зголеми, за што покрај остварувањето на редовните буџетски расходи, придонесе и започнувањето со примената на шестиот пакет фискални мерки за ревитализирање на економијата од неповолните ефекти на пандемијата. Во такви околности, банките имаа релативно ниска потреба за тргување со краткорочни денарски ликвидни средства на пазарите на пари. Постепеното закрепнување на економската активност во земјата во мај придонесе за зголемена потреба за девизи од корпоративниот сектор, но и највисока месечна нето-понуда на странски девизни средства од физичките лица на девизниот и на менувачкиот пазар, од март 2020 година наваму. Банките ја задоволија нето-побарувачката на девизи од клиентите од своите девизни средства, поради што Народната банка немаше интервенции на девизниот пазар.

Во мај, забрзаниот процес на вакцинација на населението и поддршката од носителите на политиките придонесоа за задржување на очекувањата на инвеститорите на меѓународните финансиски пазари за закрепнување на економиите ширум светот. Во такви околности, продолжи нагорниот тренд на берзанските индекси на акциите на глобалните берзи, достигнувајќи нови историски највисоки нивоа. Цените на државните обврзници во САД и во еврозоната немаа позначителни поместувања во текот на месецот и се задржаа на релативно високи нивоа, а вредноста на американскиот долар во однос на еврото умерено се намали, главно под влијание на изгледите за одложување на затегнувањето на политиката на ФЕД и предлогот за значителен фискален стимул во САД.

Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека движењата кај основните макроекономски параметри засега се во рамките на очекувањата. Неизвесноста и ризиците од пандемијата предизвикана од ковид-19 и понатаму постојат. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици, заради соодветна реакција, доколку е потребно.