НАТО протера осум членови на руската мисија во Алијансата, наведувајќи дека работеле тајно како разузнавачки агенти. „Можеме да потврдиме дека ги отповикавме акредитациите на осум членови на руската мисија во НАТО, кои беа тајни руски разузнавачи“, изјави неименуван претставник на НАТО. НАТО, исто така, го намали бројот на позиции за кои Русија може да акредитира своите претставници во НАТО, од 20 на десет. Не е дадено прецизно објаснување за одлуката, која стапува на сила на крајот на месецот.
Односите меѓу НАТО и Русија сѐ повеќе се заоструваат откако Москва го анектираше украинскиот полуостров Крим во 2014 година. Двете страни се расправаат и за развојот на нуклеарната ракетна програма на Русија, упадите на руските авиони во воздушниот простор на членките на НАТО и нивните прелети над бродови на земјите-членки на Алијансата.