Граѓаните треба да се подготват за нов ценовен шок. Во периодот што следи ќе растат цените на храната и на енергенсите, потврдија од Народната Банка. Како причина за ова гувернерката Анита Ангеловска Бежоска го потенцира најавениот раст на цената на нафтата и тоа за над 35 отсто и на увозот на поскапа храна.

Advertisements

„Ако зборуваме за тоа кои компоненти би притискале за овој ценовен раст секако тука влегува храната, тоа е една од најглавните компоненти, во линија со очекуваниот раст на храната на светските берзи, а ние сме нето увозници на храна во основа. И втората компонента е енергијата, се очекува голем раст на цените на енергенсите, а особено на нафтата“, рече Анита Ангеловска Бежоска Гувернерка на Народната Банка.

Од нагорната ревизија на инфлацијата на Народната Банка од 1,5 на 2,2 отсто за годинава може да се потврди дека растот на цените граѓаните сериозно ќе го почувствуваат. Последниов период граѓаните се загрижени по серијата зголемувања на цените на основните прехранбени производи. Платите или стагнираат или се скратени, велат тие, а цените секојдневно растат.

„Сè е поскапено, баш сè. Масло шеќер, сè е поскапено.“

„Зејтинот многу поскапе, но има и други артикли, месото, сувомеснатите работи. Поскапо е во однос на тоа што ги имаме примањата“, реагираат граѓаните.
Според најновата пресметка на Сојузот на синдикати на Македонија, потрошувачка кошничка за април изнесува скоро 34 илјади денари. Најмногу поскапеле храната, облеката, обувките и средствата за хигиена. Поради тоа синдикалците бараат државата да утврди повисока минимална плата.

„Минималната плата треба да изнесува најмалку во висина од 60% од просечната плата, поради тоа што ниту просечната, а ниту две минимални плати не ја покриваат синдикалната минимална кошница. За таа да се покрие на едно четиричлено семејство му недостасуваат 3.596 денари“, велат од ССМ.

Најголемиот дел или 42 отсто од вредноста на синдикалната кошничка се трошат за храна, нешто над 14 илјади денари. Околу 11 илјади се потребни за сметките за домување, а останатите се за превоз, хигиена, облека, за лекување и за останати потреби.

Иле Петревски