Националната гарда отстрани 12 припадници од инаугурацијата на Бајден

Командантот на американската Национална гарда, генералот Даниел Хокансон, соопшти во вторникот на брифингот за новинариите во Пентагон дека 12 нејзини припадници се суспендирани од службата во текот на утрешната инаугурација на претседателот Џо Бајден.

„Внимателно ја следиме ситуацијата. Доколку се појават некакви сомневања во врска со нив, за тоа веднаш се известува командата и службите за спроведување на законот. Не сум загрижен за мнозинството во нашата структура. Станува збор за 12 идентификувани (војници) од 25.000. Можно е некои од 12-мината да немаат врска (со сомнителни активности), но мораме да бидеме сигурни во мерките на претпазливост“, рекол Хокансон

Притоа, како што истакнал портпаролот на Пентагон, Џонатан Хофман, најголемиот дел од информациите добиени во текот на проверките не се поврзани со безредијата на Капитол Хил од 6-ти јануари, кога поддржувачите на претседателот на заминување Доналд Трамп продреа во Конгресот уверени дека му е украдена победата на претседателските избори на 3-ти ноември, при што загинаа пет лица.

„Се прават напори да се идентификуваат какви било сомнителни активности во минатото или повразани со потенцијално сомнителни дејствија, кои не се однесуваат само на екстремизмот. Сега не поставуваме прашања, преземаме мерки на претпазливост и ги отстрануваме (сомнителните) од редовите на силите пред Капитол“, додал Хофман.

Единиците на Националната гарда се стационирани во секоја од 50-те сојузни држави на САД, и се под ингеренции на гувернерите на американскиот претседател. Оваа структура претставува организиран резервен состав на копнените и воздушните војски на американската армија, кои може да бидат активирани и користени во вонредни ситуации, на пример, при справување со последици од природни катастрофи, или за одржување на редот и законот при поголеми немири.

Инаугурацијата на избраниот американски претседател Џо Бајден и потпретседателката Камала Харис ќе се одржи во среда, традиционално на 20-ти јануари точно напладне на скалилата пред Капитол Хил. Во Вашингтон во пресрет на церемонијата се преземени засилени безбедносни мерки, при што голем дел од центарот на американската престолнина, во непосредна близина на Белата куќа и Конгресот се затворени за сообраќај и масовни движења. Самиот простор на Капитол Хил е затворен за пошироката јавноста веќе неколку дена.

преземено од netpress.com.mk