Првите испораки на вакцината за коронавирус во Европската Унија (ЕУ) може да почнат од утре, соопшти германскиот производител на вакцини „БајонТек”.
– До крајот на годината, 12,5 милиони дози ќе бидат подготвени за Унијата, изјави директорот за продажба на компанијата, Шон Марет.
Вакцините се чуваа во фабрика на „Фајзер“, американски партнер на „БајонТек”, во Пурс, Белгија.
– Вакцините треба да бидат во секоја земја-членка до сабота, така што вакцинациите може да почнат в недела, рече финансискиот директор на „БајонТек”, Сирк Петинг.
Извршниот директор, Угур Сахин денеска изјави дека нивната вакцина ќе биде исто така ефикасна и против новиот вид на коронавирус што е потврден во Велика Британија и во неколку други земји.
Германскиот институт „Роберт Кох“, пак, соопшти дека новиот вид на вирусот најверојатно веќе пристигнал во Германија, иако засега нема лабораториски докази.
– Веројатноста дека е веќе во Германија, но сè уште не е потврден е многу, многу голема, рече претседателот на Институтот, Лотар Вилер.
Тој додаде дека новиот вид бил откриен во Велика Британија за првпат во септември и дека веќе постојат докази дека се проширил во соседните земји како Холандија и во Данска.
Вилер, исто така, верува дека одобрената вакцина, според достапните податоци, ќе обезбеди ефикасна заштита и од тој вид.