Велешани во голем број работници и студенти кои работат и учат во Скопје и ВО Битола се револтирани поради тоа што Македонски Железници АД Транспорт од денеска ги укина двата од три воза кои сообраќаа од Скопје преку Велес за Битола и обратно.

Со тоа од денеска е укинат утринскиот воз кој од Скопје поаѓа во 6,50 часот, во Велес пристигнуваше во 7,50 часот и преку Прилеп пристигнуваше во Битола. Воедно е укинат и возот кој од Скопје за Битола тргнуваше од Скопје навечер во 20 часот, а во Велес пристигнуваше во 21 часот и продолжуваше кон Прилеп и Битола.

Од денеска е укинат и возот од Битола за Скопје, кој според возниот ред поаѓа во 12,50 од Битола во 15,20 пристигнуваше во Велес, а во Скопје  во 16,20 часот. Од денеска е укинат и возот кој од Битола поаѓаше во 18,20, во Велес беше во 21,а во Скопје во 22 часот, информираат од Железничката станица во Велес.

Преку соопштение до патниците од „ЖРСМ Транспорт АД Скопје – Патнички сообраќај ги известува корисниците на услуги кои патуваат на релација “Битола – Прилеп – Велес – Скопје“ и обратно дека од денеска сообраќајот на патничките возови на оваа релација ќе биде организиран само со возовите бр. 643 кој поаѓа од Скопје во 14.30 часот,а во Велес е во 15,25 часот и продолжува кон Прилеп и Битола  и воз бр. 640 кој поаѓа од Битола во 03.13 часот“ ,а во Велес е во 5,46 часот. и продолжува за Скопје.

Од МЖ транспорт не даваат објаснување зошто се одлучиле на овој чекор.

– Овие измени ќе важат од 25 октомври 2023 година до нивно отповикување, соопштија од МЖ АД Транспорт.

Моника Петровска студентка која редовно патува за Скопје и обратно и има месечен билет, како и голем број на нејзини сограѓани кои учат или студираат во Скопје најмногу се револтирани за укинувањето на возот кој од Железничката станица во Скопје поаѓаше за Битола навчер во 20 часот, а во Велес пристигнуваше во 21 часот.

– Многу ни е тешко и мачно што се укинува овој воз.Нас предавања ни завршуваат околу 19 часот и стигнувавме со овој воз.Сега мораме да го чекаме последниот воз кој од  Скопје за Велес поаѓа во 22,40 часот,  а во Велес сме некаде пред полноќ.Повеќето од нас има повратни билети за железница, па сега ако сакаме навечер преморени порано да се вратиме дома за Велес од денеска мораме да плаќаме плус 200 денари секоја вечер карта за автобус Скопје-Велес,вели револтирано младата студентка Моника Петровска.

Ваков револт искажуваат и останатите велешки средношколци и студенти, како и голем број на вработени од Велес кои секој ден патуваат за Скопје и обратно.