МЗТ Скопје сезоната ја почна со трофеј, откако во Суперкуп „Драган Василов-Цевка“ надмоќно го совладаа ТФТ (100-82) со што го одбранија пехарот освоен лани на истото место во СРЦ „Кале“.
Моќната игра во првата четвртина, која ја добија со 29-14, овозможи порелаксирана игра во продолжението. Во првото полувреме МЗТ Скопје имаше највисоки плус 18 (40-22), додека во второто дојде до предност од 21 поен (69-48).
Страхиња Миќовиќ беше најефикасен со 27 поени, а двоцифрен поентерски ефект имаа уште Мајк Кафи и Дамјан Стојановски со по 18 и Војдан Стојановски со 11 поени. За одбележување е и фантастичната организација на играта на Андреј Магдевски, кој на шесте поени додаде дури 12 асистенции, а повеќе од солиден беше и Бојан Крстевски со осум поени и шест скока.
Овој меч, воедно, беше предигра за стартот на сезоната во АБА-лигата, каде што веќе в сабота МЗТ Скопје му гостува на актуелниот победник во ова натпреварување, белградска Црвена Звезда.