Четворица терористи, со идеологија на ИСИС беа уапсени во Македонија, а од МВР информираа дека планирале напади.
За првопријавениот постојат сомневања дека создал терористичка ќелија во која што со активно учество делувале останатите три кривично пријавени лица.
„Намерата на членовите на терористичката ќелија била извршување на терористички акт на цивилни или така наречени меки цели односно јавни објекти на територија на Република Северна Македонија со намера да се создаде чувство на несигурност или страв кај граѓаните“, велат од МВР.
Ќелијата делувала од позиција на идеолошка матрица на познатата терористичка организација ИСИС, а за остварување на намерата првопријавениот формирал повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, во кои што споделувал претходно набавен и преведен пропаганден материјал на ИСИС и регрутирал нови членови, се обидел да набави огнено оружје, а набавил и упатства за изработка на импровизирани експлозивни направи кои што потоа ќе ги искористат за извршување на терористички напади.
Останатите членови биле дел од телеграм групите, каде што се споделувале преведени материјали кои претходно биле преземени од официјални медиуми користени од терористичка организација ИСИС.
Претходно Обвинителството соопшти дека акцијата се одвивала на пет локации во Скопје и Гостивар. Биле извршени претреси на дом и други простории при што се пронајдени и одземени автоматска пушка, пиштол, пропаганден материјал, телефонски апарати, компјутерска опрема и други предмети што ќе бидат предмет на понатамошни форензички вештачења. На осомничените им е определен 30-дневен притвор.
Во декември беше спроведена акција којашто, истотака, се однесуваше на разбивање на ќелија на ИСИС која делувала во Гостивар. Првоосомничен беше 21-годишен гостиварец кој ги ширел намерите на групата преку повеќе групи на социјалната мрежа Телеграм, каде што споделувал и пропаганден материјал на терористичката организација „Исламска држава“ чија идеолошка матрица, според Обвинителството, била во основите на групата.
Текстот МВР за уапсените за тероризам: Планирале напади врз јавни објекти во Македонија е превземен од МАКФАКС.