На покана на унгарското претседателство со Советот на ЕУ, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, утре во Брисел ќе учествува на официјалниот состанок на Советот за општи работи на Европската Унија (ГАК).

– Ова е прво учество на министри од земји-кандидати за членство во Унијата, заедно со земјите-членки да бидат дел од формалниот ГАК на кој ќе се дискутира за Извештајот на Европската комисија за владеење на правото, велат од Министерството за европски прашања.

На утрешниот состанок, предвидено е да се разговара за состојбите во четирите области опфатени со последниот Извештај на ЕК за владеење на правото 2024: судскиот систем, антикорупција, медиумски плурализам и слободата на медиумите, како и други институционални прашања поврзани со контролните механизми.

Покрај министерот Муртезани, на официјалниот Состанок за општи работи на ЕУ, ќе бидат присутни и неговите колеги од Албанија, Црна Гора и Србија.