Васил Гарванлиев ќе ја претставува нашата земја на Евросонг и во тоа нема ништо спорно, одлучи денес Комисијата за одговорност од макеоднската радио телевизија
Од Комисијата излегоа со став дека боите од бугарското знаме во спотот биле само перцепција, а државјанството е лична слобода.
„Јавниот сервис нема право да дискредитира никого по основа на верски, национални или други определби и дека има целосна слобода да одреди за претставник пејач независно од неговото државјанство. Праксата покажала дека речиси на секој Евросонг има такви случаи“ изјавија од МРТ.
„Според извештајот на работната група, станува збор за поинаква перцепција, поради која уметничкото дело на Жанета Вангели коешто се наоѓало во тие два кадра, предизвикало асоцијација на знаме на туѓа држава. По реакциите од јавноста, спотот бил повлечен и преработен. Во врска со вториот контроверзен момент, изјавите на Гарванлиев дека имал двојно државјанство, работната група посочува дека станува збор за дел од интервју дадено пред повеќе од една година коешто сега добило публицитет. Согласно со правилата на ЕБУ – Јавниот сервис нема право да дискредитира никого по основа на верски, национални или други определби и дека има целосна слобода да одреди за претставник пејач независно од неговото државјанство. Праксата покажала дека речиси на секој Евросонг има такви случаи,“ посочија од МРТ.
Тие додадоа дека евентуалното откажување од настап на Евросонг би предизвикало финансиски и други импликации по МРТ и драстично би го нарушило угледот и на Јавниот сервис и на државата во меѓународни рамки.
„Сепак, имајќи го предвид сево ова, а особено поларизираноста во нашето општество, Комисијата предлага за во иднина сериозно да се преиспита учеството на Јавниот сервис на меѓународни културни манифестации,“ се вели во официјалното соопштение.