Во мачната бракоразводна парница на Амбер Херд и Џони Деп прикажани се снимки кои можно е славниот актер да го ослободат од обвинувања.
Џони Деп вели дека новото сведочење на полициските службеници и досега необјавените снимки од нивните камери докажуваат дека Амбер Херд лаже во врска со тепачката, со која беше завршен нивниот 18 месечен брак.
Амбер и нејзините пријатели неколкупати сведочеа, кажувајќи дека Деп ѝ го фрлил телефонот во лице и ја искршил кујната во нивниот апартман во тек на кавгата во мај 2016 година. Но, адвокатите на актерот тврдат дека грозните сцени од оштетувања – вклучувајќи ги искршените лустери, стакло расфрлено по подот и црно вино разлеано по ѕидовите и теписите е во спротивност со она на коешто полицајците се сеќаваат.
Два повици за помош
Четири различни полицајци го посетиле станот во центарот во центарот на Лос Анџелес во рок од два часа откако пријателите на актерката два пати се јавиле во 911 (служба за помош). Првите двајца полицајци дале нови искази во текот на минатиот месец повторувајќи дека го прегледале станот вреден 1,5 милиони долари, но не виделе повреди, вандализам или докази за злосторство.
Сега за прв пат се објавени снимки од друга група полицајци кои ги имале вклучено камерите (кои ги носат на униформата) кога доцна вечерта влегле во некогашниот дом на Херд и Деп. На снимките се гледа уреден ходник кој води до елегантната кујна и дневна соба украсена со свежо цвеќе, многу книги, свеќи и свеќници. Изгледа дека полицајците не забележале ништо сомнително, а во видеозаписите од три и пол минути нема очигледни знаци на оштетување, неред или дамки од вино на подовите или теписите. Видеото е објавено на интернет на порталот „Дејли мејл“.
Адвокатот на Деп, Адам Валдман, вели дека снимките докажуваат дека немало никакви нереди и дека исказот на Амбер е лажен.
– Амбер Херд и нејзините пријатели го опишаа хаотичното, неуредно место на злосторот, но неодамна се објавени видеозаписи од полицијата, кои недвосмислено докажуваат дека апартманот е целосно неоштетен и дека нивното сведочење е уште една грандиозна лага – изјави Валдман.
Поранешниот партнер се подготвува за повторно соочување на суд во градот Ферфакс, Вирџинија, каде Деп ја тужи бившата сопруга за 50 милиони долари поради написот во „Вашингтон пост“ во кој 34-годишната актерка се претстави како жртва на семејно насилство.
Во написот Деп не беше споменат со име и презиме, но тврди дека поради навестувањето дека се работи за него, ја изгубил улогата на капетанот Џек Спероу.
Актерот се бори да си ја спаси репутацијата, откако британскиот висок суд минатата година ја отфрли посебната тужба за клевета поради напис во весникот „Сан“ од 2018 година, кој го означи како „насилник над жените“. Судијката Џастис Никол пресуди дека описот „во суштина е вистинит“ и дека таткото на две деца, Деп, неколкупати ја нападнал Херд, поради што таа во три наврати се исплашила за животот.
Нема штета во станот
Инцидентот на 21 мај 2016 година е регистриран како злоупотреба, откако Херд дала детален исказ опишувајќи како бившиот сопруг ѝ го фрлил телефонот во лице и ѝ искубал прамен коса. Настанот се случил во апартманот број 3 во зградата Истерн Колумбија, каде Деп некогаш имал цел кат со пет соседни станови во кои се стигнувало со приватен лифт.
Откако тимот телохранители на Деп ја прекинал тепачката, Деп заминал во станот број пет каде Херд имала некои работи и тој ги оштетил пред да излезе од зградата. Адвокатите на Херд пред судот прикажале фотографии од местото на настанот, вклучувајќи искршени рамки за фотографии, стакло и вино истурено на подот и теписите. Херд и нејзината најдобра пријателка Роки Пенингтон, очевидец на наводниот напад го опишаа станот и начинот на кој тој го извршил нападот.
– Тој само удираше по сè наоколу со шише вино. На подот имаше овошје, корпи, стаклени шишиња и цвеќе – изјави Роки, додека во својот исказ Херд додаде:
– Имаме огромни тешки свеќници. Тие беа на подот скршени. Кошниците со овошје што беа на кујнскиот остров, беа расфрлени по подот. Насекаде имаше овошје. Садовите со кујнски прибор беа превртени. Сè беше расфрлено. По ѕидовите и подот имаше вино.
Но, полицајците кои дошле 15 минути по наводниот напад, Тајлер Хајден и Мелиса Сенз, специјалистка за семејно насилство, рекле дека ги прегледале двата стана, но не виделе повреди на лицето од Амбер, ниту докази за вандализам.
Полицајците сведочеа во три наврати за инцидентот, во тек на разводот на двојката во 2016 година, на минатогодишното судење за клевета во Велика Британија и во март.
Сенз изјавила дека не препознала жртва на насилство, ниту на нејзе имало траги од било какво насилство. Додека Хејден изјавил дека на местото немало траги од вандализам. Но, тие не носеле камери и не направиле записник.
Додека другата група полицајци, чии имиња не се објавени јавно, имале камери кога стигнале два часа подоцна. Во снимките се гледа дека тие одат до апартманот, вратата им ја отвора мажот на Роки, а тие влегуваат внатре бидејќи сакаат да бидат сигурни дека сè е во ред. Таму се гледа луѓе како седат на кревет и разговараат, а меѓу нив и Амбер и нема никакви траги од насилство или вандализам. Во разговорот се слуша како објаснуваат дека претходно дошле други полицајци, бидејќи имало двоен повик.
Подоцна Амбер и пријателите тврдеа дека го исчистиле стаклото и нередот, но никаде не се гледаат дамки од вино. Адвокатите на Деп тврдат дека сега конечно имаат доказ кој ќе ја докаже вистината.