Официјален претставник на руското Министерство за надворешни работи денеска изјави дека Белорусија може да влезе во конфликтот во Украина доколку Киев одлучи да ги нападне Русија или Белорусија. Русија ја искористи Белорусија како отскочна штица за да ја нападне Украина во февруари 2022 година, а во октомври распореди војници во Белорусија за заеднички воени вежби. Оттогаш и двете земји се согласија да ја интензивираат својата воена соработка, предизвикувајќи стравувања дека Москва би можела да го искористи својот близок сојузник за да започне нова офанзива врз Украина од север.

Во интервју за државните медиуми, претставникот на Министерството за надворешни работи, Алексеј Полишчук, рече дека заедничките вежби на Русија со Белорусија се дизајнирани да спречат ескалација, но предупреди дека Белорусија може да се приклучи на украинскиот конфликт доколку таа или Русија бидат нападнати. „Од правна гледна точка, употребата на воена сила од страна на режимот во Киев или инвазијата на територијата на Белорусија или Русија од вооружените сили на Украина се доволна основа за колективен одговор“, изјави Полишчук за новинската агенција ТАСС. Тој, сепак, додаде дека на лидерите на двете земји е дали ќе ја донесат таа одлука.

Прикажи повеќе