Дрвото „Џиновска секвоја“ со име Хиперион се наоѓа во Националниот парк Редвуд во Калифорнија, но точната локација на највисокото дрво во светот се чува во строга тајност.
Дрвото Хиперион беше откриено на 25 август 2006 година од Крис Атикинс и Мајкл Тејлор во најоддалечениот дел од Националниот и државен парк Редвуд во Калифорнија. Се верува дека дрвото е старо околу 700-800 години, пишува „National geographic“.
За да успеат да ја измерат висината на дрвото, научниците морале да користат многу комплициран метод за да се искачат на самиот врв на дрвото и да спуштат јаже до земјата. На тој начин ја измерале висината на дрвото која изнесува 115,61 метар, што му ја донесе титулата на највисокото дрво во светот.
Истражувачите веруваат дека дрвото може да биде и повисоко од 116 метри, но поради штетата што ја направиле клукајдрвците на врвот на дрвото, тие биле принудени да запрат на 115,6 метри.
Иако неколку примероци од дрвја беа поголеми од овој гигант, повеќето биле жртви на уништувањето на шумите во регионот Редвуд во средината на 1960-тите години на минатиот век.
Всушност, повеќе од 90% од древните шуми на државата биле исечени до 1978 година, кога просторот бил купен и припоен кон Националниот парк.
Како што е случајот со повеќето ретки видови дрвја, нивната точна локација е секогаш чувана во тајност, и само три групи на луѓе биле во можност да ги пронајдат.