Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, на маргините на состанокот на Комитетот на министри на Советот на Европа што се одржа во Торино, Италија, оствари билатерлани средби со министрите за надворешни работи на Грузија, Илиа Дарчиашвили, на Азербејџан, Џејхун Бајрамов, Ерменија, Арарат Мирзојан, Република Молдавија, Нику Попеску и првата заменичка министерка за надворешни работи на Украина, Емине Џафарова.

– Фокусот беше на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година, безбедносната состојба во ОБСЕ регионот, како и нарушената безбедносна архитектура во Европа. Беа разменети мислења и за ситуацијата во Украина после руската воена агресија, и искористувањето на механизмите на Советот на Европа за одговорност за кршењето на човековите права. Беше потенцирана и важноста на ЕУ перспективата како за земјите од Западен Балкан така и за тие од Источното партнерство, соопштија денеска од МНР.

Министерот Османи укажал дека како дел од триото претседавачи со ОБСЕ оваа година, и иден претседавач во 2023 година, Северна Македонија силно се залага за зачувување на основните принципи и вредности на Организацијата, како што се почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на земјите учеснички на ОБСЕ.

Биле разменети мислења и за соработката во рамки на Советот на Европа како главен форум за човекови права, демократија и владеење на правото.