Зоран БОЈАРОВСКИ

Христијан Мицкоски уловил златна рипка. Рипката не само што била златна, туку знаела да зборува и исполнувала желби.

  • Пушти ме и ќе ти исполнам три желби, рекла рибата.

И Мицкоски – ја пуштил.

После три дена се сетил дека пропуштил шанса да побара исполнување на желбите што јавно ги соопштува веќе извесно време.

Можеше да побара да му се исполни желбата на изборите да добие 61 пратеник зашто знае дека нема да може да состави влада без партиите на Албанците, особено ако ДУИ освои најмногу гласови меѓу партиите фавориити на граѓаните од оваа етничка заедница

Како што сега стојат работите според предизборните анкети, тоа и е најверојатен исход, па Мицкоски ќе мора да лиже таму каде што плукал, кога веќе ја пуштил златната рипка.

Со рипката можеше да го реши и прашањето на Бугарите во уставот и така ќе си ја исполнеше амибицијата без политичка волја и одговорност да потврди дека сака во ЕУ, ама без неговиот, односно гласовите на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на уставните амандмани.

Листата на желби на Мицкоски кои сака да му бидат исполнети без да преземе политичка одговорност е долга. На пример, тој прво не сакаше, а потоа прифати да влезе во техничката Влада според Пржинскиот договор. Тој можеше да побара желбата да му биде исполнета со тоа што нема да гласа за Талат Џафери да биде избран за премиер на техничката Влада, ама да ги пополни министерските позиции во истата таа влада. Така тој, всушност, прифати заедничка Влада со ДУИ.

Отприлика јасно е како ќе функционира таа влада. Се сеќаваме дека во екот на кризата со Ковид-19, тогашната техничка заменик министерка за финансии на ВМРО-ДПМНЕ, блокираше 90 милиони евра од Светска Банка  за справување со пандемијата.

Блокада е средното име на ВМРО-ДПМНЕ во мандатот на Мицкоски како лидер на оваа партија.

Да не ја пуштеше златната рипка, Мицкоски како своја желба можеше да побара да биде избришана меморијата на граѓаните на Скопје дека Данела Арсовска беше нејзина „ шпицен кандидатка“. Тоа ќе беше многу полесно и повторно ќе ја симнеше политичката и моралната одговорност од неговите плеќи за најлошиот градоначалник, односно градоначалничка на Скопје во историјата на главниот град.

И, конечно, Мицкоски се зезна зашто можеше од рипката да побара една ултимативна желба, желба над сите желби, да дојде на власт и да владее без политичка одговорност. Така е навикнат човекот.

Превземено од Рацин.мк