Пишува: Љубиша Николовски
Знаеше ли Рашела Мизрахи кога го предлагаше Законот за здруженија, дека нејзиниот лидер Христијан Мицкоски го признава Ванчо Михајлов за свој претходник и бара од неа да го почитува како континуитет на сегашното ВМРО-ДПМНЕ.
Таа на денот на отворањето на Клубот со името на Ванчо Михајлов револтирано коментираше со зборовите дека „еден културен центар можеше да го добие било кој назив, друго име, а тие се одлучија за Ванчо Михајлов, контроверзна личност од минатото.
Тогаш таа потсети дека за Ванчо Михајлов Македонците се говеда на Сталин и дека „се работи за човек кој има фашистички ставови, колаборира со нацистичка Германија. Станал советник на Анте Павелиќ, се обидува да направи и квинслишка држава во Скопје во 1944 година, но видел дека амбиентот не е погоден за тоа и заминува. Се чудам зошто баш ваква личност за кој има историски факти, наместо да се одбере личност која ќе биде во знак на добрососедство“, рече Мизрахи.
На ова Христијан Мицкоски, јавно и „врза шлаканица“ во интервјуто на Канал 5 кога нејзините ставови за Ванчо ги отфрли како неосновани озборувања.
„Го заболе“ Мицкоски за тоа што Цар Борис протерал 7.000 Евреи од Македонија во Треблинка, ама „не го боли“ што неговиот претходник потепал над 4.000 македнски револуционери по улиците на Софија, ниту што тој самиот, сите во ВМРО-ДПМНЕ и сите ние Македонци сме говеда, како што нè нарекувал Иван Михаилов бугаризиран Македонец историски претходник и лидер на ВМРО од тоа време.
Тој не чуствува потреба да се огради од ваквите ставови, да се откаже од него, туку напротив бара да се почитува неговиот континуитет.
Што е всушност разликата од она што го тврдел Ванчо Михајлов за Македонците од она што и сега го зборуваат бугарските власти за македонскиот идентитет, а заради што наводно Мицкоски „се потресува“ и бара гаранции за зачувување на македонската посебност!
Се фолира ли Мицкоски дека е борец за Македонците или е на линијата на оние сили во Бугарија кои не сакаат да ја видат Независна Македонија како членка на ЕУ, а Македонците да станат дел од европската цивилизација како посебна нација.
Како инаку да се објасни инсистирањето на ВМРО-ДПМНЕ воопшто за таков континуитет, во кој личности како Ванчо Михајлов, ќе бидат само тоа- контроверзна личност со која тој не се сложува со тоа што го правел кога ја водел организацијата, но сепак го признава како континуитет што треба да се почитува, затоа што тие биле партија за македонско национално единство.
Но активноста на ова ВМРО-ДПМНЕ е всушност сосема во спротивност со името што го носи, затоа што цело време создава раздор во македонското етничко ткиво баш во духот на човекот за кого вели дека треба да се почитува како историски континуитет. Да се почитува бугаризиран Македонец кој јасно велел дека не постои македонска нација и македонски јазик.
Ако погледнете наназад што има изјавено Мицкоски по повод отворањето на клубот Иван Михајлов во Битола, ќе забележите дека нема ниту еден збор со кој го осудува тој настан, затоа што нему тоа не му пречи.
Единствената изјава ја дава на новинарско прашање со која му порачува на тогашниот бугарски премиер Кирил Петков дека прво што треба да направи Петков кога ќе се врати во Софија е да отвори најмалку два вакви клуба во Благоевград и Сандански за Македонците што живеат во Пиринска Македонија.
Текстот е личен став на Авторот.