За 33 дена ќе започне Светското првенство во Катар. Овој Мундијал ќе биде последен за аргентинскиот волшебник, Лионел Меси. Поради тоа, Меси ќе се обиде со своите соиграчи да ја освои шампионската титула.
Меси, по дуелот со Марсеј, во Лига 1, проговори за фаворитите на Светското првенство. Не ја спомна Аргентина, веројатно за да го тргне притисокот од националниот тим.
„Кога зборуваме за фаворити, имаме големи тимови како Бразил, Германија, Франција, Англија, Шпанија, сигурен сум дека заборавив некого. Ако треба да изберам една или две репрезентации, тогаш би рекол дека Бразил и Франција се двата најголеми кандидати за освојување на титулата“, изјави Меси.
Аргентина со Меси се наоѓа во добра серија, во 2021 година ја освои Копа Америка, а оваа година победи и на Финалисима, натпревар меѓу шампионите на Јужна Америка и Европа (Италија). Аргентина на СП ќе игра во Ц-групата, против Саудиска Арабија, Мексико и Полска./макfax/