Двократниот светски шампион, Макс Ферстапен влезе во остар напад на медиумите кои предизвикале тој да добива илјадници погрдни пораки преку социјалните мрежи со напади на неговото семејство и неговата девојка, како резултат на одбивањето на тимската наредба да го пушти Серхио Перез на претходната трка во Бразил.
Иако веќе ја имаше осигурано титулата со рекорден број на победи во една сезона, Холанѓанецот ја одби директната наредба од Ред бул да го пропушти Перез, мексиканскиот возач кој толку пати му помогна минатата сезона во борбата со Луис Хамилтон. На Перез, пак, му беа драгоцени поените во борбата за второто место во генерален пласман и сега го почнува последниот Ф1 викенд оваа сезона израмнет со поени со Шарл Леклер во Ферари.
Ред бул денеска излегоа со своја верзија на случките од Интерлагос, по што се јави и лутиот Ферстапен.
„Работите кои ги прочитав беа одвратни. По минатата трка, медиумите ме претставија толку лошо, а ја немаа вистинската слика на работите. Да ме поставиш така ниско беше зачудувачки. Но, тоа не беше доволно, почнаа да го напаѓаат моето семејство, мојата мајка Софи Кумпен, мојата девојка, мојота татко… Кога сестра ти ќе ти се јави да каже дека е премногу, тоа кажува многу. Не можете да ми го напаѓате семејството. И тоа мора да сопре. Ако имате проблем со мене, тоа не ми пречи, но да одите на моето семејство е неприфатливо. Веќе ми е преку глава од овие ср.ња! Кога има нешто негативно, треба да се посочи“, вели Ферстапен.