Претставници на 36 јавни претпријатија од Скопскиот, Полошкиот, Пелагонискиот и Источниот плански регион денеска во Скопје потпишаа Декларација за антикорупциски практики и политики во јавните претпријатија.

Станува збор за проект реализиран во рамки на проектот „Поттикнување на овозможувачка средина за пријавување корупција во јавните претпријатија” реализиран со финансиска поддршка на Амбасадата на САД.

Ерик Мејер, заменик-шеф на мисијата на Амбасадата на САД во Скопје, во обраќањето пред потписниците на Декларацијата истакна дека погрешни се тенденциите за корупцијата да се зборува како за зараза или болест.

–  Можете да бидете малку болни, но не и малку корумпирани. Кога се опишуваат штетите во општеството настанати како последица на корумпираност, зборуваме дека таа ги поткопува институциите и го забавува напредокот. Не. Корупцијата е како булдожер што уништува се што ќе и застане на патот. Дури и кога ја има во малите средини таа ги поткопува темелите на општеството во целина, рече тој.

Мајер истакна дека останува на граѓаните на Северна Македонија сами да се справат со корупцијата и тоа на секое ниво, од политичарите, преку јавната администрација  до бизнисмените и на крајот кај самите себе.

–  Милиони долари САД, ЕУ и партнерите инвестираа во програми како оваа насочени за спречување на корумпираноста, но решението за проблемот лежи кај самите вас. Северна Македонија не боледува од корумпираност, таа е здрава и способна нација што е на крстопатот кон иднината во ЕУ, но секој од вас треба да демонстрира дека му е доста од корупција, рече меѓу другото тој.

Со прогледувањето низ прсти или вртењето на глава и на најмалите коруптивни активности граѓаните на Северна Македонија ризикуваат да ја саботираат иднината на својата земја и на наредните генерации.

–  Корупцијата е избор. Со потпишувањто на оваа декларација, вие избравте да бидете дел од решението. Го поздравувам вашиот денешен избор и го поттикнувам и лидерите на земјата и самите граѓани да направат избор што е најдобар за нивната иднина, рече Мајер.

Инаку, целта на проектот од кој произлезе декларацијата, е да се поттикне средината за пријавување корупција преку Законот за заштита на укажувачи,  на ниво на јавните претпријатија.

–  Почнавме од претпоставката дека локалните јавните претпријатија со оглед на ограничените ресурси ќе имаат и ограничени можности за постапување по пријави за корупција, истакна проф. д-р Дарко Спасовски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, посочувајќи дека исто така и големите претпријатија имаат предизвик во постигнување функционален систем за транспарентност и отчетност,

Во рамки на проектот за период од три години од 2020 година анализирани се 44 јавни претпријатија. Утврдено е дека само три јавни претпријатија имаат примени информации за коруптивни активности од укажувачи.

Во рамки на поширокиот проект спроведени се четири обуки со вработени на пониско ниво во јавните претпријатија, со цел да се утврди како системот функционира во пракса и на кој начин вработените ги извршуваат секојдневните обврски.

– Од она што беше детектирано произлезе и текстот на денешната декларација. Она што не функционира го ставивме во текстот на декларацијата, за директорите и раководните лица на претпријатијата да се обврзат во иднина да го подобрат она што е детектирано како слабост на системот, рече Спасовски.

За малите локални претпријатија слабости се регистрирани кај ограниченоста во основните ресурси, кај некои дека работат и без минимум стандардна опрема. Како проблем е посочен и недостиг од соодветни простории за лицата што ги добиваат информациите од укажувачите , што е мошне важно кога се работи за добивање информации за коруптивни активности.

–  Ако некој сака да пријави корупција, а во канцеларијата има повеќе лица, нема да има слобода да го изнесе својот наод. Ако лицето задолжено за пријем на пријавата е само во канцеларија тогаш ќе имаме и поголема слобода за пријавувачот. Тоа изгледа само како технички стандард, меѓутоа тој е и суштински важен, посочи Спасовски.

Голем дел од претпријатијата не ги исполнуваат техничките стандарди, само 19 од 44 јавни претпријатија имаат лице одговорно за прием на укажувачи, а дури 60 отсто од претпријатијата немаат сопствени веб-страници.

Волја за приклучување кон проектот пројавиле и јавни претпријатија од други региони во земјата, меѓу кои од општините Охрид, Струга, Кавадарци, Куманово, Струмица.