Амбасадори на десет земји членки на НАТО, меѓу кои и македонскиот амбасадор во Алијансата, Дане Талески остварија работна посета на Украина, чија цел беше да се демонстрира силна поддршка за земјата во справувањето со предизвиците од руската воена агресија.
Во рамките на посетата, како што соопшти МНР, шефовите на делегациите на земјите членки на НАТО остварија средби со украинската вицепремиерка за европски и евроатлантски интеграции Олга Стефанишина, шефот на кабинетот на претседателот на Украина, Андриј Јермак, заменик-шефот на Кабинетот на претседателот Ихор Жовква и со заменик министер за одбрана Олександр Полишчук.
Од страна на домаќините беше истакната важноста на посетата во момент кога Киев и другите градови се соочуваат со нов бран руски напади со проектили и беспилотни летала. Домаќините се заблагодарија и за солидарноста и за големата поддршка што ја добиваат од сојузниците. Тие информираа за актуелната состојба на фронтот, при што го истакна напредувањето на украинските војници на југот на земјата со цел деокупација на украинските земји.
На состаноците се разговараше и за можностите за евроатлантска интеграција на Украина. Воедно, беше нагласена важноста од понатамошна помош од НАТО, со посебен акцент на Сеопфатниот пакет за помош на Алијансата за Украина, се наведува во соопштението.
Од МНР информираа и дека шефовите на делегациите на земјите членки на НАТО ги посетија Хостомел и Буча, каде уште еднаш упатија заедничка порака на солидарност со украинскиот народ, како и силна осуда на руските воени злосторствата, воедно упатувајќи повик за прекин на воените дејствија и целосно повлекување на руските воени сили од украинска територија.