Македонската фудбалска репрезентација вечерва со почеток од 20:45 часот во рамките од Лигата на нации игра против Бугарија.

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, пред дуелот со Бугарија, повика на фер навивање и коректно однесување, потсетувајќи дека „црвено-жолтите“ имале таков третман на гостувањето во Разград.

– Да ја оставиме политиката на политичарите, ние сме спортисти и само тоа треба да не интересира. Јас по мечот во Разград се заблагодарив на приемот, а сега ние треба да возвратиме на ист начин. Нè интересира само спортскиот аспект. Цврсто сум убеден во мојот личен став и на федерацијата дека гледаме само на спортот. И јас ја повикувам публиката да биде фер и коректна, изјави Милевски.

Селекторот на Бугарија, Младен Крстајиќ на официјалната прес конференција пред овој дуел порача дека не го интересираат други работи освен фудбалот. За провокации не сака да разсмилува и сето останато што не е поврзано со фудбалот нека го тераат политичарите. Тој вели дека сака неговата селекција да покаже карактер и да победи во Скопје.

– Сакам Бугарија да покаже карактер, и да победи против Македонија. Ќе играме на бодови, ама зависи и од противникот, не е важно дали со атрактивна игра, или со игра која нема да биде убава за око. Јас сум имал како играч и како тренер и селектор, вакви ситуации, ние ќе се насочиме на фудбал, а за ситуацијата тоа е работа на политичарите“ – изјави Крстајиќ.