Националниот парк Маврово и Националниот парк Шар Планина во Македонија, Паркот на природата Кораб-Коритник во Албанија и Националниот парк Шари во Косово наскоро ќе бидат дел од прекуграничен парк, најголем од ваков вид во Европа, со површина над 242 илјади хектари.
-По повод Меѓународниот ден на планините, во Тирана се одржа меѓуресорска средба меѓу министерот за животна средина и просторно планирање на Македонија Насер Нуредини, министерката за животна средина и туризам Мирела Кумбаро и министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово Либурн Алиу, информираат денеска од Министерството за животна средина и просторно планирање.
Министерот Нуредини, притоа зборувал за визија во која заштитата на природните вредности на заштитените подрачја од друга страна обезбедува одржливо управување со тоа што не ги претвора во музеи на природата, туку создава нови можности. за социо-економски развој на локалните заедници.
-Природното прекугранично поврзување на заштитените подрачја, Национален Парк Маврово и Национален Парк Шар Планина во Македонија, Паркот на природата Кораб-Коритник во Албанија и Националниот Парк Шари на Косово, отвара нови можности за поголема заштита на флората и фауната, подобро справување со илегални дејствија, подобро мониторирање, поголеми можности за развој на еко-туризмот и алтернативните форми на туризам, размена на добри практики и искуства, заштита и промоција на културното и природното наследство, како и поголема атрактивност и зголемен интерес на меѓународните донатори и инвеститори, изјавил министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.
Министерката Кумбаро, пак, вели дека ги гледаат заштитените подрачја како обезбедување бенефиции надвор од нивните граници на географската карта, надвор од границите на националните држави – меѓу заедниците и генерациите што живеат во овие подрачја.
-Овие зони служат како еколошки коридор, во кој се сместени голем број значајни видови растенија и животни, не само на регионално ниво, туку и на европско и меѓународно ниво, како што е европскиот зелен појас. Во однос на туризмот, заштитените подрачја ги гледаме како многу добра можност за развој на екотуризмот во сите негови облици, нагласила министерката.
Според министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура на Косово, Либурн Алиу, овој проект ќе овозможи нова перспектива за развој на овој планински предел.
-Ние ги имаме овие граници помеѓу нас, но сакаме да овозможиме придобивки за разни компании кои сакаат дa навлезат и градат на тој простор. Наша должност е да воспоставиме правила имајќи го предвид минатото за да го развиеме и користиме, но и да го заштитиме она што е многу вредно. Во 2013 година ја зголемивме територијата на Националниот парк Шари на 53.469 хектари“, рекол министерот Алиу.
Министерот Алиу додал дека покрај туристичката дестинација Брезовица, има просторен план да се развијат и други области од планинскиот туризам, како зимски така и летен туризам, согласно критериумите за заштита на природата.
Овој проект меѓу трите земји, велат од МЖСПП, има за цел заеднички прекуграничен развој на природен туризам, заедничко прекугранично управување со регионот, заедничка промоција на посебно природно и културно наследство преку границите итн. На состанокот присуствувале и претставници на УНЕП, Програмата за животна средина на Обединетите нации која ќе го поддржи овој проект. Од друга страна, Даниел Пируши, директор на Националната агенција за заштитени подрачја, објаснил дека во рок од три месеци ќе се формира управен одбор со заштитеното подрачје и ќе започне со работа на овој проект.