Бремените жени кои имаат Kовид-19 им пренесуваат антитела против овој вирус на своите деца, откриле истражувачи од Универзитетот во Пенсилванија. Во студијата, објавена во списанието „JAMA Pediatrics“, се наведува дека заштитата на новороденчињата од инфекција првенствено зависи од антителата кои се пренесуваат од мајката на бебето преку плацентата.
Ова исто така се однесува и на заштита од САРС-КоВ-2, меѓутоа, деталите за пренесувањето на антителата во овој случај сè уште не се целосно разјаснети.
Истражувачите откриле дека колку порано идната мајка ќе се зарази со корона вирус, во првите месеци од бременоста, толку е поголема концентрацијата на антитела во крвта на папочната врвца.
Нашите резултати се целосно во согласност со она што би можело да се очекува од студиите и за други вируси – вели професорот Скот Хенсли, еден од авторите на студијата.
Истражувачите следеле 1.714 жени кои родиле помеѓу април и август 2020 година. 83 од нив биле позитивни на Ковид-19, а кај 72 бебиња научниците откриле антитела во крвта на папочната врвца, без оглед на тоа дали мајката имала симптоми на вирусот или не.
Кај околу половина од децата, нивото на антитела било исто или поголемо отколку кај мајката, а во четвртина од случаите било дури 1,5 до двапати повисоко.
Антителата на САРС-КоВ-2 преминале во плацентата и кај тешките и кај асимптоматските форми на корона вирусот. Нивната концентрација во крвта на папочната врвца, директно покажа колку антитела има во крвта на бремената жена и колку била силна инфекцијата. Ова покажува дека антителата можат да го заштитат фетусот од инфекција – велат истражувачите.
Антителата кои ја преминале плацентната бариера се „имуноглобулин Г“, кој се создава неколку дена по инфекцијата и најверојатно обезбедува долгорочна заштита од корона вирусот. Ниту едно бебе немало немало „имуноглобулин М“, кои се појавуваат веднаш по инфекцијата.
Како што забележуваат научниците, тоа доведува до заклучокот дека самите деца не се заразени со корона вирус.
Научниците сè уште не можат да кажат дали овие антитела ќе бидат доволни за максимална заштита на новороденчињата од вирусот. Како што велат тие, потребни се дополнителни истражувања.
Исто така, научниците треба да испитаат дали однесувањето на антителата генерирани по болеста и по примена вакција се разликуваат.
Претходните опсервации покажаа дека антителата генерирани по Ковид-19, биле помалку активни низ плацентната бариера од антителата по вакцинација против грип и кашлица. Можно е, по вакцинацијата против САРС-КоВ-2, реакцијата да биде поголема, но тоа треба дополнително да се истражи – се наведува во студијата.
Бремените жени не учествувале во испитувањата на вакцини против корона вирусот, а до пред неколку дена, ниту, пак, е потврдено дека може да ја примаат вакцината.
По апелот на американските експерти, СЗО ја ажурираше препораката во врска со вакцинацијата против корона вирусот во бременоста.
Republika.mk – содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.