Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска денеска на прес-конференција, информира дека кај дел од компаниите за кои беше утврдено дека ја злоупотребиле државната помош, веќе е извршена присилна наплата, додека кај други во тек е спроведување на дејства за присилна наплата.
– Кај одредени компании пуштени се опомени и по извесниот рок на опомената се врши присилна наплата. Некаде веќе е завршена присилната наплата, односно се блокирани и одземени тие средства, а некаде се уште сме во фаза на спроведување на дејствија на присилна наплата, рече Лукаревска, одговарајќи на новинарско прашање.
Во тек се интензивни контроли во соработка со Државниот инспекторат за труд за исплата на државната помош за ноември. Директорката Лукаревска најави повеќе детали за скоро време.
– За ноември има поднесени 13.851 барање за 13.090 компании кои добиле помош, а се однесува за 65.537 вработени. Анализата ја правиме во делот на оваа ноемвриска плата дали е исплатена државната помош и за многу кратко ќе излеземе со информација, рече Лукаревска на прес-конференцијата во Владата.