Ливерпул во текот на денешниот ден ќе го комплетира трансферот на Артур Мело, со што управата на „црвените“ ќе ја исполни желбата на Јирген Клоп и ќе потпише нов играч за врска.
Клоп имаше огромни главоболки откако од стартот на сезонава се повредија Џон, Тијаго и Кеита, а на синоќешниот меч со Њукасл повреда на мускулот заработи и капитенот Џордан Хендерсон. Во изминатите денови се шпекулираше со најразлични имиња, но изборот на англискиот гигант на крајот падна врз Артур, поранешниот играч на Барселона кој сега е член на Јувентус.
Алегри не смета сериозно на Артур во новата сезона, Бразилецот беше поврзуван со Валенсија и со Арсенал, но ниту еден од овие два клуба не успеа да постигне договор со Јувентус. Овојпат тоа не е проблем, „старата дама“ исто така сака во „пет до дванаесет“ да се ослободи од овој фудбалер, а Ливерпул го искористи тоа за да ги договори сите детали.
Артур Мело ќе пристигне на едногодишна позајмица, но без клаузула за задолжителен откуп, а договорот ќе биде потпишан во текот на денешниот ден, по минувањето на лекарските прегледи.
Извор: Екипа