Лидерите на политичките партии на Албанците во земјава утре се очекува да заминат на средба во Тирана на покана на албанскиот премиер Еди Рама.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска изјави дека утрешниот состанок во Тирана е новогодишна средба со цел размена на мислења по однос на актуелните прашања во регионот и посакување успех во годината која што е пред нас и апелираше да не се создава „некаква конспирација“ во врска со неа.
Од Алтернатива и Алијанса за Албанците за МИА потврдија дека добиле покана за средбата и дека ќе одат неа, без да прецизираат детали, додека пак од Движењето Беса истакнаа дека одговориле позитивно на поканата, но „нема да седат на иста маса со лидерот на ДУИ Али Ахмети“.
– Исто како што сме одговориле позитивно на сите покани за средби и во овој случај ја потврдуваме поканата, како и нашето присуство на вечерата организирана од премиерот Еди Рама, изјавија за МИА од Алијанса за Албанците.
Од Алтернатива потврдија дека претседателот на партијата Африм Гаши ќе присуствува на средбата, но дека не се знае за што ќе се разговара.
И од Беса за МИА потврдија дека е добиена покана за средба од страна на Рама и дека позитивно одговориле на неа. Но, според портпаролот на Беса, Фарук Авдиу, иако партијата нема дилеми во чесните намери на Рама, сепак се загрижени дека Али Ахмети би можел да ја злоупотреби средбата, бидејќи секогаш „кога тој има проблеми злоупотребува вакво нешто“.
– Ние, како Движење БЕСА немаме ниту една дилема во однос на чистата намера на премиерот на Албанија за она што се интересира за политичката ситуација во Република Северна Македонија. Нашата грижа како Движење е во врска со ДУИ и Али Ахмети, за неговите игри во врска со овие средби, бидејќи секогаш кога тој има проблеми злоупотребува вакво нешто. Затоа позитивно одговараме на поканата на премиерот, но не гледаме логика да седнеме на маса со ДУИ и Али Ахмети, рече Авдиу.