И покрај оптимистичкиот тон на претседателите на Европскиот совет, Шарл Мишел и на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, лидерите на ЕУ рано изутринава постигнаа консензус само за широка рамка за справување со ценовниот шок од енергетската криза во наредниот, јави дописничката на МИА од Брисел.

Оваа рамка предвидува да се работи на намалување на цените, да се обезбеди сигурност на снабдувањето и да се работи за гарантирање на побарувачката. Освен тоа воведена е и „клаузула на доверба“. Врз основа на оваа рамка, министрите за енергија на ЕУ веќе следниот вторник треба да седнат и да изработат конкретни предлози.

Стартните позиции на земјите-членки беа дијаметрално спротивставени. Додека група земји бараше амбициозни мерки за ограничување на цените на гасот и големи напори за да им се помогне на домаќинствата, друга група земји, главно северните и Германија, сметаа дека треба „интервенцијата врз слободниот пазар“ да се сведе на минимум.

Конкретно, лидерите се договорија дека во наредниот период Европската комисија и министрите за енергетика на ЕУ треба да формулираат предлози во рамките на денешниот договор.

Мишел и Фон дер Лајен изразија задоволство што лидерите успеаја да се договорат за заеднички набавки на гас. Секоја земја членка е обврзана да учествува во заедничкото купување на гас на ниво на ЕУ за најмалку 15 отсто од полнењето на залихите. Со ова, ЕУ вели дека се испраќа сигнал до пазарот дека ЕУ е обединета и нема земјите да се натпреваруваат една со друга на енергетскиот пазар. Приватните компании, сепак, и натаму се слободни да ги отфрлат понудите на заедничко снабдување на земјите.