Шефот на француската дипломатија, Жан-Ив Ле Дриан, денеска изјави дека „доколку ништо не се преземе за да им се помогне на цивилите во Мариупол, ќе следи колективна вина“.

-Мариупол е впечатлив пример за воена опсада, а воените опсади се ужасна форма на војна бидејќи цивилното население се масакрира, уништува. Страдањето е страшно, рече Ле Дриан на меѓународната конференција на Форумот во Доха.

„Затоа мора да има барем еден момент во кој цивилното население може да дише“, додаде тој, додавајќи дека на тоа прашање е ангажиран францускиот претседател Емануел Макрон.

Макрон завчера кажа дека сака во следните денови да има повеќе разговори со рускиот претседател Владимир Путин за ситуацијата во Украина и иницијативата да му се помогне на населението да го напушти Мариупол.