За првпат во главниот град на Републиката, а по пример на минатогодишниот празничен настан во Кичево кој беше организиран од хорот „Митрополит Козма Пречистантски”, и оваа година во градот Скопје се одржа свечена празнична поворка по повод празникот на Лазаревото Воскресение (Лазарева Сабота).

Голем број дечиња, заедно со своите родители, како и професионални музичари, со пеење придружено од традиционални музички инструменти и со гранчиња во рацете, тргнаа од Плоштад „Македонија“ и се упатија кон Градскиот Трговски Центар, како и во Diamond Mall, каде имаа музички настап со кој беа восхитени сите присутни.

Поворката беше поддржана од сите случајни минувачи кои со нескриена радост и воодушевување и се приклучуваа.

Пеењето на најрадосните каланди, кое се случи не само во Скопје, туку и во Кичево и Реканскиот крај, најсоодветно и во православен дух го најави Празникот над Празниците – Воскресението Христово.