Косовската полиција останува во т.н. „Босанска населба“ на северот на Митровица. Зголемени полициски сили се забележуваат во областите каде што има жители Албанци. Во меѓувреме ранетиот полицаец од синоќешниот напад е во стабилна состојба. Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека безбедносните органи не прогонуваат никого врз етничка или верска основа, туку само според нивното индивидуално или групно однесување и постапување.
„Косовската полиција никогаш не е насочена, охрабрувана, ориентирана против Србите. Напротив, има дополнително внимание кон Србите во Косово, токму поради различните погрешни толкувања што може да ги направи нашиот северен сосед“, рече Албин Курти, премиер на Косово.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, соопшти дека се сретнал со министерот за одбрана и со началникот на Генералштабот на Армијата на Србија, но не даде детали за што се разговарало. Претходно, шефот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека Србија ќе размисли да испрати 1.000 свои безбедносни сили на Косово. И премиерката Брнабиќ соопшти дека Белград е блиску до одлука да побара враќање на војниците на Косово. На овие изјави од Белград реагираше претседателката на Косово.
„Отворената закана од полициска и воена агресија од Србија докажува дека во таа земја продолжува хегемонистичкиот менталитет. Ова мора да биде отфрлено и целиот демократски свет кој го зададе најсилниот удар на овој начин на размислување во 1999 година, јасно да се спротивстави. Никогаш нема да има српски полицајци и војници на територијата на Република Косово! Хегемонистичкиот сон на Србија никогаш нема да се оствари“, изјави Вјоса Османи, Претседателка на Косово.
Европската унија изрази загриженост за тензиите и смета дека тие се резултат на постапките на двете страни.
Советникот на американскиот Стејт департментот, Дерек Шолет, за Гласот на Америка изјави дека треба да се одложат изборите за градоначалници на општините на северот на Косово и оти за ова прашање ќе разговара со косовските лидери при неговата посета на Приштина следната недела.
„Ова е тензично време и сакаме да се увериме дека има услови да се одржат слободни и фер избори. Косово е мултиетничка демократија, како САД. Горди сме на работата што Соединетите Држави ја направија во овие 20-тина години за воспоставување на демократијата на Косово и сакаме да работиме на негова поддршка и зачувување. Затоа, сметаме дека овие избори треба да се одложат сè додека не дојде вистинското време кога ќе се одржат без да се поттикне поголема нестабилност и насилство“, изјави Дерек Шолет, советник на Стејт департментот на САД.
Изборите за градоначалници во четири општини од северот се закажани за 18 декември. Во вторник во Зубин-Поток и Северна Митровица, општинските изборни службеници и полициски службеници, при обид да ги отворат канцелариите на општинските изборни комисии, беа нападнати со шок бомби и истрели во воздух, при што процесот беше запрен./Alsat.mk
Шкелзен Аќифи