Српската Листа, најголемата партија на Србите во Косово, одлучи да ги напушти централните институции на Република Косово, како и општините на северот на земјата. Шефот на Српската листа, Горан Ракиќ изјави дека одлуката за напуштање на институциите ќе биде на важност додека „Приштина почне да го почитува меѓународното јавно право и договорите постигнати во Брисел“. Ракич рече дека поднел оставка од „позицијата министер во Владата на Косово“.

„Одлучивме да ги напуштиме сите политички институции, Собранието, Владата и од четирите општини на северот на Косово, но и Србите да го напуштат судството, полицијата и административниот персонал во четирите општини во север. Тоа значи, конкретно, додека не ги повлечат едностраните и незаконски решенија за пререгистрација, додека не формираат Заедница на српски општини, во согласност со првиот договор и сите други договори во дијалогот“, рече Горан Ракиќ, претседател на Српска листа.

Оставки поднесоа и српските припадници на косовската полиција, во судството и во обвинителството на северниот дел.

Дури и пратеникот во Собранието на Косово, Игор Симиќ, изјави дека оставка поднесува во име на 10 пратеници .

Косовскиот премиер Албин Курти се огласи на Фејсбук. Според него случувањата на северот немаат врска со регистерските таблички, туку се работи за лична пресметка за власт помеѓу српскиот претседател Вучиќ и министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ“. Курти додаде дека Србија станува алатка на Кремљ, бидејќи и натаму е недемекорстака држава. Тој ги повика граѓаните на северот да го зачуваат мирот, безбедноста и побара од нив да не ги напуштаат институциите.

Од друга страна, по вонредната седница на Владата на Србија, српскиот претседател Александар Вучиќ порача дека не се откажува од одговорната политика на мир и стабилност. Тој имаше и телефонски разговор со американскиот амбасадор во Србија, Кристофер Хил. Медиумите во Србија наведуваат дека амбасадорот Хил побарал од Вучиќ Србија да се однесува одговорно, сериозно и да не учествува во загрозување на регионалниот мир и стабилност./Alsat.mk

Шкелзен Аќифи