Премиерот Димитар Ковачевски и неговиот шпански колега Педро Санчез Перез-Кастехон, денеска остварија тет-а-тет средба на која уште еднаш беше потврдено силното пријателство помеѓу Кралството Шпанија и нашата земја, кое понатаму ќе се продлабочува, соопшти владината прес-служба.

На средбата, стои во соопштението, беше истакнато дека Шпанија е докажан поддржувач на Република Северна Македонија во нејзините евроинтегративни процеси, што е од исклучително значење за нашиот пат кон европското семејство. Во срдечна и пријателска атмосфера беше оценето дека двете земји кои се и НАТО сојузнички, веќе три децении градат одлични билатерални односи и дека ваквите заложби ќе продолжат и понатаму.

Во рамки на првата официјална посета на премиерот на Кралството Шпанија, Педро Санчез Перез-Кастехон, делегациите од двете земји остварија и билатерална средба на која присуствуваа и првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, министерката за одбрана Славјанка Петровска и министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.