Владата подготви пет измени на постојни закони со цел да се овозможи подобра, поефикасна и побрза изградба на коридорот 8 и на коридорот 10Д, но и на други инфраструктурни стратешки проекти во државата во патната инфраструктура, железничката инфраструктура, гасната инфраструктура и електродистрибутивната инфраструктура, кажа премиерот Димитар Ковачевски во интервју за Сител телевизија. Тој додаде дека целта е да се добие модерна инфраструктура за поврзување која што ќе биде овозможена со овие законски измени.

-Со измените на законот за работни односи практично е овозможено работниците врз основа на своја согласност да работат прекувремени часови повеќе во текот на неделата при што се гарантира и непрекинат одмор во текот на една работна недела и во текот на еден месец и во текот на годината. Градежништвото е дејност која што има сезонски карактер на работа и секој граѓанин знае дека во текот на летните, пролетните месеци и есенските се работи повеќе, во зимските се работи помалку и затоа беа потребни вакви измени, кои на крајот овозможуваат на работниците прво да заработат повеќе доколку сакаат и второ да ги добијат сите денови и часови за работен одмор кои се предвидуваат со законот за раб.односи. Затоа сметам дека се работи за законско решение кое што е усогласено со законот за работни односи и кое овозможува за оние кои сакаат да заработат повеќе да заработат и исто така да имаат право на одмор којшто следува на секој работник, кажа премиерот.

Прашан за користењето на европското знаменце, тој договори дека не смее да се блокира градењето на инфраструктурата.

-Јас можам да дадам само една споредба, ако отидеме во било која земја членка на ЕУ или ако отидеме во САД, прва работа која е направена е модерна, патна, железничка и електро дистрибутивна инфраструктура. Тоа го заслужуваат нашите граѓани и на тој начин се гради европска држава. Со блокади во Собрание не може да се направат ниту автопатишта, ниту гасоводи, ниту електродистрибуција. Со оглед на тоа дека коридорот 8 што беше и тука потврдено и поздравено од страна на сите премиери на државите кои се наоѓаат на коридорот 8 пред се мислам на Италија, АЛбанија, Северна Македонија, Бугарија, Црна Гора, практично коридорот 8 е веќе дел од трансевропскиот коридор, за разлика од претходно, односно до пред еден месец кога беше само коридорот 10 и тој ќе биде еден од клучните коридори како во снабдувањето со енергенси исто така и во транспортот на добра преку новиот коридор кој се прави и кај нас меѓутоа и во Албанија и нормално ново пристаниште во Албанија, Порто Романо, кое ќе ја поврзува Албанија со Италија, истакна Ковачевски.