Предупредувачките мерки за незаконските српски регистерски таблички во Косово од денеска стапија во сила. Станува збор за одлука на Владата на Косово за оние кои одбиваат да ги заменат со официјалните таблички на државата со ознака „РКС“. Министерот за одбрана на Србија, Милош Вучевиќ изјави дека српската војска е ставена во состојба на готовност поради ситуацијата на Косово. Изјавата доаѓа откако министерот за внатрешни работи на Косово, Џелал Свечла, рано утринава најави дека полицијата денеска ќе почне со спроведување на планот за пререгистрација на автомобилите со нелегални таблички кои ги издаваат српските власти. Инаку, целиот план се очекува да се реализира во три фази. Првата вклучува опомена за возачите, втората предвидува казна до 150 евра, а третата е издавање пробни таблички. Спроведувањето на планот се очекува да заврши на 21 април. Но, Србија инсистира на неутрални таблички во однос на статусот на Косово.