Манифестациите по повод 15-годишнината од прогласувањето на независноста на Косово започнаа со парада на припадниците на КСБ и полицијата на плоштадот во Приштина.
Претседателката Вјоса Османи на свечената седница во Собранието рече дека во текот на 15-те години државност Косово зајакнувало како нова држава, а предизвиците ја зајакнале стабилноста . Спопмнувајќи ги особено предизвиците со Србија, таа рече дека народот „мора да биде обединет“.
„И покрај разликите во ставовите, идеите и политичките платформи, политичкиот спектар на земјата ќе биде обединет пред сите оние кои се обидуваат да ја поткопаат нашата држава или да го попречат напредокот“,рече Вјоса Османи, претседателка на Косово.
Претседателот на Албанија Бајрам Бегај ја критикуваше Србија дека не се повлекува од агресија.
„Српската влада не се огради ниту од агресорот, ниту од агресијата, ниту пак ја прекина својата активност против признавањето на Република Косово. Владата на Република Србија треба да соработува со Владата на Република Косово за стабилност и зачувување на мирот во регионот“, изјави Бајрам Бегај, претседател на Албанија.
Премиерот Албин Курти рече дека чинот на прогласување независност означува отворање на неповратно поглавје во модерната историја на Косово
„Република Косово произлезе од крвта на паднатите борци и од секој живот даден за слободата на оваа земја, како што произлезе и од придонесот на оние кои ги водеа и развиваа политичките процеси за градење на државата до денес. Нашата република произлезе од славната војна на војниците на Ослободителната војска на Косово, кои со својата праведна војна успеаја да ги вклучат меѓународните сојузници кои во 1999 година ни помогнаа да се ослободиме од окупаторот Србија“, нагласи Албин Курти, премиер на Косово.
Шефовите на држави беа во Преказ за сеќавање на делото на семејството Јашари. Премиерот Курти рече дека Преказ е центар на албанското востание.
„Денес дојдов на 15-годишнината од независноста на Косово . Оваа земја е полна со крв, треба да се работи за доброто на Косово и Албанија“, рече еден граѓанин.
Меѓу многуте граѓани кои оддадоа почит беше и кандидатот за претседател на Србија, Никола Сандуловиќ
„… во име на чесната Србија, барам големо извинување и прошка за сите злосторства што ги направи Милошевиќ и оваа актуелна власт во Србија, кои ги направија против вас. Ќе направам се за да одговорат криминалците кои извршија толку страшно злосторство против вас и невини за моето доаѓање на власт“, рече Никола Сандуловиќ, поранешен кандидат за претседател на Србија.
Косово ја прогласи својата независност на 17 февруари 2008 година. Според МНР, 117 земји во светот го признаа. За 15 години државност, Косово се приклучи на неколку меѓународни организации, вклучително и финансиски и спортски./Алсат.мк