​​​​​​​Младен СРБИНОВСКИ

Ќе опстане човештвото. Повторно лудува по фудбал. Видов многу, прочитав многу, напишав многу, но веќе белокос, изјавувам: најголемата наслада што ми ја приреди животот е што сум современик и што ги гледав Роналдо и Меси. Ги паметам постарите генерации меѓу себе како жестоко се делеа на фанови на Битлси и Ролинг Стонси. Младешката расправија на мојата генерација беше: која е поубава, блондинката или бринетката од пејачките на шведската АББА. Но денес да сум млад, со сегашниве фудбалски фанови жолчно би се расправал кој е подобар, Меси или Роналдо?

Затоа што сме во него, својот живот не можеме да го гледаме од страна и млади и стари, живо заслепувачки не поврзува фудбалот. Дистанцата од нашиот живот ни е фудбалот. Недоброј натпревари за гледање како недоброј животи за набљудување. Сите околу нас, едни на други слични, сите без правила, сите со посебна, своја возбуда. И ништо повеќе од ѓаволштината наречена фудбал не заличува на човечката драма дофатена со леснотија и без зборови. Усвитеност од ништо. Толку посакувана и недостижна за нас писателите. Сакаме да раскажеме вечна вистина за нешто така превртливо и испарливо како живот, а слепата топка и деца нека ја зашутираат, сите ќе ги загледаат. И бргу ќе одлучат, кого го бива, кого не. За во фудбалот, не за во животот.

Филозофијата е дисциплина на умот, уметноста производ на емоциите, а фудбалот? Копнеж по недофатливото. Мигновено и ретко како ретка животна шанса, најдена пред нас и промашена. Неискотистена….

Да шутираш, значи да живееш. Промашуваш, значи суштествуваш, би рекол Декарт да е фудбалер или фудбалски фан. Многумина не мислат, па убаво си живеат, но најбројни се оние кои не шутираат, ама фудбал гледаат. Јас сум од тие. Најмногубројните. Гледам и живот и фудбал. Во животот на страна, а во фудбалот од страна. Признавам, поубав е животот од трибини. И затоа што доволно во животот ме шутираат, ништо така живо не ме поврзува со луѓето како со нив на фудбалските трибини или во друштво кога гледаме пренос на фудбалски натпревар.

Гледајќи фудбалски натпревар, како да си го гледам животот. Мојот, вашиот. Без да ви се мешам во шансите. Самиот себеси си, се гледам како попусто трчам цел меч, со надеж дека ретко, но, сепак, ќе добијам шанса, или можеби ќе ја создадам, а уште помалку и дека ќе ја реализирам. Најважното, шутирам, поточно, промашувам, а слепата топка, некаде оди. Како парите. Од едни, во други џебови. Од кај оние со дупнатите џебови, кај оние, со длабоките џебови. Воздивнуваме и тагуваме низ лути пцовки. Топката е како и парите. Заљубените ќе речат, како и жената. Оди каде што нејќеме. Со кого не треба. Кај други.

Човекот отсекогаш посакувал од страна да може да си го гледа својот живот. И, книгата е навистина голема работа. За наше созревање преку осамување низ читање. Киното е посовремена технологија. Преку платена темнина да навлеземе во кожата на јунаците и преку нивните доживувања духовно да се прочистуваме. Но, кого го интересира што сме преживеале сами дури сме читале или со пуканките в раце на кино?

Векови требало човештвото да истроши технолошки дури произвело ефтина и надуена бесмисла. Топката. И ни требаат само уште две камчиња за голче, за веднаш да почне на сите достапната, игра над игрите. Фудбалот. Почнуваш да го играш и веќе не си тој. Ти. И не се срамам дека сум тоа тој. Јас. Со стомаче, препотен, одеднаш никому смешен. Во своја (препотена) кожа. Симпатичен и за тие што те гледаат и за тие само поглед на тебе што ќе фрлат.

Самиот не знам зашто ова свое име го носам, зашто баш овој мајчин јазик, зашто баш оваа националност и зашто баш вака се молам на бога? Но убаво знам зашто мојот фудбалски клуб го сакам и зашто одредени играчи сакам да ги гледам.

Во време и место за кое не сме прашани, нашата бесмисла, нашиот живот е фрлање во стадион на кој се одвива наједноставната игра, со толку разбирливи правила кои заради својата едноставност не можат да се прераскажат ако никогаш не сте виделе како се игра фудбал. И непотребни се сите оние човечки симболички пораки праќани по вселенските летала кон далечни непознати простори. Испратете им само фудбал и непознати божества ќе ни одговорат со тикет ливчиња од нивните кладилници. Доказ дека знаат за фудбалот или сеуште се самобараат во предфудбалско време.

Фудбалот е симболички јазик за меѓупланетарно разбирање. Таков е и овој текст. Вселенска игра од ништо. За ништо. Значи за се. За животот со фудбалот. Или како фудбалот. Овој текст ви е разбирлив затоа што сите знаете што е фудбал. Олку неразбирливости никогаш не сум напишал, а знам, моќта на фудбалот ќе ја покрие слабоста на овој текст. Фудбалот е дестилат на животот. Негова превриена алкохолна капка пред нас испарувајќи што не опијанува. Не знам дали Јунг сакал фудбал, но целото негово учење за колективното несвесно е наше трагање по смислата. По фудбалот. Дофатената бесмисла во нас, наша рака што ја материјализирала. Најсовршената геометриска форма на универзумот надуена со невидливост. Врзана сеприсутност за човечко лудирање. Топката.

Неповторливата магичност на фудбалската игра е во бескрајната нејзина заумност. Затоа што ногата, најдалечниот екстремитет од нашата глава игра со топката. Има спортови каде што топката со раце се игра и тоа се само убави спортски дисциплини. Но, од нас трансцендираната бесмисла во видлива игра со правила, наше е осветничко шутирање на сопствената бесмисла именувана како: фудбал, фузбал, сосер, кикер…

Од првиот надуен мочен меур на животни, до првата машински надуена топка која што скока и не се издишува, човештвовото со милениуми наслепо самото себе се бара и човечката епоха се дели на несреќници кои не виделе фудбал и оние среќници, ние, кои играат фудбал.

Човекот несвесно ја имал во себе играта, го немал слепото совршенство, ништото, од нас произведено, што ти скока, ти бега и ти иде да го клоцнеш… Идеален производ за наш свесен, привремен самозаборав. Самоисклучување преку фудбалот. Фудбалската игра е крајот на историјата, да го надополниме Френсис Фукојама.

Кога би било, да би било, кој знае какви би биле и филозофиите на Платон и Аристотел во нивно време кога би имале вакви фудбалски топки… Светот се дигитализира и се менува. На идните генерации чипови под кожа ќе им стават, ќе им менуваат органи како чорапи, богаташите ќе си купуваат планети во сопственост… Но само фудбалската игра на човекот ќе остане како негова шифра на несвесното. Дека е смешен, конечен и несовршен. Господов промашен шут на празен гол.

А толку сакам Господ да го прашам, кој е подобар, Меси или Роналдо?

​​​​​​​Младен СРБИНОВСКИ