Пишува: Зоран Иванов
Ванчомихајловизмот е дел од континуитетот на ВМРО, рече Мицкоски и не одрече.
Не го стори тоа и досега и со другите континуитети на овдешното ВМРО. Не одрече континуитетот со врховизмот, континуитет со груевизмот, еве и континуитет со ванчомихајловизмо и континуитет со …
Изјавата на партискиот водач за историскиот партиски континуитет побуди куп инсинуации од типот крвта не е вода но потсети и на куп факти како, наместо инсистирање на постулат за дисконтинуитет, тој отвореното и недвосмислено го дефинираше континуитетот и со докажаниот македонски негатор и профашистички лидер на една од егзистенцијалните етапите на ВМРО.
Традиција или партиска идеолошка матрица која, нели современото ВМРО, политичката партија ДПМНЕ, ја држи на дното на скалата на современата европска демократијата негувајќи секаков наводен патриотски, а всушност, еве, во антифашистичка Македонија, континуитет со фашизмот. Темата не е за прашање туку е за дилемата што треба да ја појасни актуелното партиско водство, пред се, нејзиниот лидер околу партискиот континуитет со фашизоидот негатор на Македонците, Ванчо Михајлов.
Од минатото нема бегање. Од менталното идеолошко наследство, од свеста и потсвеста на припадноста, исто така. На актуелниот прв човек на ВМРО-ДПМНЕ му се лизна фашизмот. Му се испреврти преку јазикот. Излегува дека кога потсвеста проговорува, свеста не премолчува. Но ја оставам оваа констатација на толкување на стручните, на психолози, психијатри, па сепак, првичната реактивна констатација на јавноста е дека претседателот на партијата само потврдил историски факт дека фашизмот, тоа црнило под ноктите и на нашата македонска „десница“ не е само експонат во нивниот идеолошки музеј, туку е жива материја проткаена меѓу редовите и на континуираното историско, а еве и на актуелно партиско дејствување. И сето и онака некако идентично како кај своите сестрински или братски, сеедно, источни каракачанови истоименици.
На партијата која во своите кампањи ги испогани прво партизанските вредности, која своевремено и на клоци како партали ги набрка инвалидите од НОБ од нивните простории поради атрактивноста на локацијата на нивниот клуб во најстрогиот центар на Скопје и која ги понижуваше и ги исмејуваше борците создавачи на македонската држава, чии високи партиски функционери пафтаа со бугарски знамиња на бугарските планински врвови и кои не ја криеја гордоста што се носители на бугарски пасоши и на тамошни лични карти евидентирани на бандери по селата на западните краишта на нашиот источен сосед и кои го навредуваа творецот на современиот македонскиот литературен јазик, кои …. И затоа, македонската јавност сега воопшто и не се чуди за нејзиниот континуитет со Ванчо Михајлов.
Па ако неговата партија наследничка и нејзиниот актуелен претседател не можат да побегнат од минатото, ако дури се и горди и ако го негуваат таквиот континуитет, ако немаат абер ова нивно сегашново ВМРО да го исчистат од фашизоидните флеки, тогаш што туку се глумата и вревата околу именувањето на битолскиот бугарски клуб, на охридскиот со името на царот кој исто така застана зад нацизмот. Што на шега што сериозно но аналогно на сево, наредниот бугарски клуб во државава Македонија, зошто да не, што тука би било различно, би можел да го носи името на актуелниот претседател на актуелното ВМРО-ДПМНЕ. Ова неспорното, по примерот и со леснотијата со претходните регистрации и ова бргу би минало и кај македонскиот Централен регистар.
На ДПМНЕ му е нужна итна идеолошка диференцијација. Во спротивно партијата и натаму ќе си го влече темните дамки на нејзиниот историски континуитет вклучително, како што си кажа и нејзиниот актуелен претседател, континуитет и со фашизмот што во ова време на современа Европа, него и партијата неминовно ги става на патот кој води до историското депо.
И затоа, доколку партијата на Христијан сака да ја живее својата политичката сегашност и да ја доживее својата партиска иднина, наместо восклик за континуитет, би било поарно да се позанимава со алатките што ќе и`обезбедат дисконтинуитет. Дистанца од континуитетот во кој се вткаени и нивни мрачни партиски ликови негатори на Македонците и на македонската држава.
Оттука, партиски континуитет или партиски дисконтинуитет – изборот е на сегашната генерација на самопрогласените наследници на историското ВМРО.