Свечени вечери, семејни дружења, големи прослави на плоштадите, одбројување, прегратки, здравици… Луѓето ширум светот со нетрпение ги очекуваат првите минути од Новата година, нетрпеливи да видат што ќе им донесе. Дали знаевте дека тоа го правиме во последните 4.000 години?

Можеби ќе ве изненади кога ќе дознаете дека дочекот на Новата година има долга, древна историја. Првата позната евидентирана прослава на Новата година се случила во Вавилон, пред околу 4.000 години – 2.000 п.н.е.

Вавилонците ја прославувале новата година на првата млада месечина по пролетната рамноденица, обично на крајот на март, и во оваа прилика го одржувале фестивалот Акиту, кој траел единаесет дена. Секој ден од фестивалот практикувале различен ритуал.

Празникот ја прославуваше митската победа на богот на небото Мардук над морската божица Тиамат, а исто така вклучуваше и чин на крунисување нов крал или дозволување на стариот крал да го продолжи своето владеење.

Од кога започнува Новата година во јануари?

Различни цивилизации го поврзуваа почетокот на новата година со некој значаен астрономски или земјоделски настан.

На пример, Римјаните ја дочекале Новата година во март, водени од лунарните циклуси, до 46 година од нашата ера. Таа четириесет и шеста година била најдолгата во историјата и траела 445 дена. Тогаш римскиот император Јулиј Цезар го повикал астрономот Сосигениј од Александрија да направи корекции на римскиот календар.

По оваа Јулијанска реформа, именувана по Гај Јулиј Цезар, датумите на пролетната рамноденица биле усогласени со движењето на Сонцето.

Во чест на богот Јанус – римскиот бог на почетоците чии две лица му дале можност истовремено да гледа во минатото и иднината – Цезар го утврдил 1 јануари како прв ден во годината. Римјаните го прославија овој нов празник не само со принесување жртви на Јанус, туку и со размена на подароци, одење на забави и украсување на нивните домови со ловоров гранчиња, пишува National Geography.