Нов устав со Албанците како второ мнозинство во државата, прекугранична економска зона со Албанија и Косово, инвестиции од 500 милиони евра за инфраструктура во албанските општини и 800 евра минимална плата се дел од десетте точки на изборната програма „План 2030“ на Коалицијата „Вреди“.

Коалицијата денеска во Тетово ја презентираше изборната програма со која се предвидува и забрана за коцкање и брзи заеми, ослободување на затвореници од монтирани случаи и нивно обесштетување, слободни економски зони за печалбари и за млади, зголемување на пензии, социјална помош и субвенции, како и капитални инвестиции да достигнат до 150 евра по глава на жител.

Десетте точки од „План 2030“ ги презентираа носителите на листите во изборните единици.

– Ние сме сигурни дека ја имаме најдобрата листа, имаме листа која ќе ги направи промените. Исто така, нашата програма се однесува на економскиот развој, интегрирање на државата во Европската Унија, како и на подобрување на меѓуетничките односи, подобрување на правата на албанците кои ги претставуваме. Сигурни сме дека на 8 мај оваа листа, и оваа програма ќе биде победничка и после 8 мај ќе биде дел од владината коалиција, истакна Биљал Касами, носител на листата во ИЕ6 и претседател на Движење Беса.

На новинарско прашање кој кандидат ќе се поддржи во вториот круг од изборот за претседател, Арбен Таравари, истакна дека нема дефинитивна одлука и таа ќе биде донесена во текот на наредните денови.

За можното коалицирање со ВМРО ДПМНЕ за состав на Влада, Биљал Касами рече дека се подготвени за разговор.

– Кажуваме дека сме подготвени да седнеме да разговараме за составување на идната влада со тоа што цениме дека сме единствени претставници на Албанците затоа што сме единствена коалиција која ги претставува Албанците, рече Касами.