Велковски пред Еуро 2020 доби нов едногодишен договор од Риека.
Дарко Велковски, еден од столбовите во одбраната на нашата А селекција беше стартер на сите три натпревари од групата „Ц“ на континенталниот собир против Австрија, Украина и Холандија.
Шпанските медиуми пренесуваат дека тим од најсилната шпанска лига е заинтересиран за услугите на македонскиот репрезентативен стопер, Дарко Велковски.
Така, според новинарот Виктор Поло, Алавеш пројавил интерес за Дарко Велковски кој беше редовен во репрезентацијата на Македонија на Европското првенство каде прикажа солидни партии, посебно на првиот натпревар против селекцијата на Австрија.
Македонскиот стопер на Еуро 2020 одигра 265 минути од максималните 270 и е првотимец во македонската селекција, а во Риека е од летото 2018 година, каде дојде од Вардар. Инаку е дете на Работнички и беше дел од златната генерација која играше на младинското Еуро 2017 во Полска, а годинава и на сениорското Европско првенство.