Директорот на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Сашо Клековски, вечерва изјави дека нема да поднесе оставка на барањето на СДСМ, посочувајќи дека партијата нема кредибилитет за таков повик.
Според Клековски, лидерот на СДСМ, Венко Филипче, не понел одговорност за трагичниот инцидент со изгорените пациенти во тетовската болница, што ја прави партијата некомпетентна да бара одговорност.
„СДСМ, чиј лидер Филипче не понесе одговорност за живо изгорени пациенти, сега бара одговорност. Јас сметам дека тие немаат никаков кредибилитет за тоа“, рече Клековски.
Тој истакна дека во периодот на власт на СДСМ, се случила сериозна злоупотреба на скапите лекови на Клиниката за онкологија, што оставило сериозни последици кои се чувствуваат и денес.
„Нема да поднесам оставка, бидејќи ниту со чинење или нечинење не сум придонел ништо во оваа ситуација. Напротив, и јас, и Фондот, и Клиниката, раководството и персоналот, напорно работиме на надминување на наследената ситуација. Да потсетам дека ова раководство е на функцијата само шест месеци, по седум години девастација“, додаде Клековски.
Во однос на ситуацијата во Клиниката за онкологија, каде што се појави недостиг на биолошка терапија, Клековски објасни дека од вкупно 5.000 пациенти, само мала група се со недостиг на специфична терапија, и дека се работи на отстранување на овој проблем.
„Ја наследив Клиниката со 12 милиони евра долг и сите оние проблеми кои допрва ќе излегуваат во јавноста. Во овие шест месеци Фондот обезбеди дополнителни пет милиони евра за санација на финансиската состојба“, рече Клековски.
Тој истакна дека важен приоритет е детално планирање на набавката на лекови, а ќе се користат и директни спогодби со производителите, а не со веледрогериите. Според него, без расчистување на минатото, ќе биде тешко да се подобри состојбата во здравствениот сектор. Клековски апелираше Јавниот обвинител да се произнесе за работењето на Клиниката за онкологија во изминатите седум години.