Кинескиот претседател Си Ѓинпинг наскоро може да ја посети Русија, објави „Волстрит журнал“.
Пекинг најави дека сака да игра поактивна улога во завршувањето на конфликтот во Украина, а соработниците на претседателот велат дека Си Ѓинпинг има намера да се заложи за мултилатерални мировни преговори на средбата со својот руски колега Владимир Путин.
Весникот пишува дека Си Ѓинпинг ќе ги повтори повиците да не се користи нуклеарно оружје, но и дека планираната посета е во рана фаза и не се одредени датуми, но можно е таа да се случи во април или мај.
Кинескиот министер за надворешни работи Чин Ганг вчера изјави дека неговата земја сака да игра улога во завршувањето на конфликтот во Украина.
Ганг на учесниците на безбедносната конференција во Пекинг им рече дека Кина е загрижена дека едногодишната војна може дополнително да ескалира и да излезе од контрола.