На првата годишнина од руската инвазија на Украина, Кина објави документ со 12 точки во кој детално е опишан нејзиниот став за руско-украинскиот воен конфликт и во кој, меѓу другото, повикува на мировни преговори и прекин на непријателството меѓу двете страни.
Во документот насловен како „Позицијата на Кина за политичкото решавање на кризата во Украина“, кинеското Министерство за надворешни работи наведува дека Кина ќе продолжи да игра конструктивна улога во продолжувањето на мировните преговори.
„Конфликтот и војната никому не му користат. Сите страни мора да останат рационални и да покажат воздржаност, да избегнуваат разгорување на пламенот и влошување на тензиите и да спречат дополнително влошување на кризата или дури и излегување од контрола. Сите страни треба да ги поддржат Русија и Украина да работат во иста насока и да го продолжат директниот дијалог што е можно побрзо, за постепено да се деескалира ситуацијата и на крајот да се постигне сеопфатен прекин на огнот“, се наведува во документот на кинеското МНР под точката која гласи „Престанок на непријателствата“.
Документот кој го објави, во голема мера е повторување на постојната позиција на Кина, која вклучува повикување на двете завојувани страни да ги продолжат мировните преговори.
„Дијалогот и преговорите се единственото одржливо решение за украинската криза“,
се вели во соопштението и дополнително се додава оти Кина и во иднина ќе игра конструктивна улога, не прецизирајќи ги деталите.