Мировната мисија на НАТО на Косово, КФОР, денеска објави дека спроведува „инженерски операции“ во северно Косово за отстранување на некои возила кои сè уште ги блокираат патиштата.
Некои камиони, кои го блокираа патот на локација позната како Дудин Крш во Северна Митровица, беа запалени на 29 декември.
КФОР на Твитер објави дека презема акција за отстранување на возилата од патот со цел да се врати слободата на движење на тој простор.
#KFOR Mission is conducting engineer operations in northern #Kosovo to remove some vehicles blocked on the road and to restore freedom of movement in accordance with its #UN mandate. pic.twitter.com/dFeYNK3E0A
— @NATO – KFOR (@NATO_KFOR) January 3, 2023
Дваесет дена по ред, во декември 2022 година, во четири северни општини каде што живее мнозинско српско население, беа поставени барикади на патиштата што водат до граничните премини на Косово и Србија.
Барикадите беа поставени во знак на протест против апсењето на поранешен косовски полицаец Дејан Пантиќ кој, според косовските власти, е осомничен дека го организирал нападот на канцелариите на Централната изборна комисија на северот на Косово.
Сепак, косовските Срби прифатија да ги тргнат барикадите откако судските власти на Косово му ја преиначија мерката за обезбедување присуство на Пантиќ од затворски во куќен притвор.
Исто така, на средбата во Рашка со српскиот претседател Александар Вучиќ на 28 декември, претставниците на Србите на Косово изјавија дека добиле гаранции дека нивните барања за отстранување на барикадите ќе бидат исполнети.